Општина Дојран со четиридневни културни и спортски настани ја одбележа 79 годишнината од ослободувањето од фашизмот, на 5 ноември 1944 година.
Најактивни во програмските одбележувања беа децата, учениците од ООУ „Кочо Рацин“ од Нов Дојран, со уметнички литературни и креативни изработки во чест на празникот 5-ти ноември, со крос трки низ улиците на Дојран, со рецитали и полагање свежо цвеќе на спомен обележјата на паднатите борци од Дојран и дојранско за време на НОБ.
На овој значаен ден се доделуваат и општински плакети 5-ти Ноември на истакнати поединци, организации во придонесот за развојот и напредокот во сите сфери од општествениот, научниот, спортскиот, културниот живот на Дојран.
Во таа пригода беше доделена ПЛАКЕТА за особен придонес во развојот на каратето како спорт во општина Дојран на Лилиана Упчева која неуморно тренира со децата од општината и покажува големи успеси како на државни така и на меѓународни карате натпревари.
Лилјана е тренер на младиот Карате клуб „Дојран“ од Дојран, раководи млад тим составен од ученици од 8 до 14 годишна возраст и за изминатите 15 месеци од основањето има постигнато завидни спортски резултати на Државни првенства, на турнири во земјата и на Меѓународни турнири во странство. Минатиот месец тимот на КК „Дојран“ се врати со ЗЛАТЕН ПЕХАР за најдобар тим на Меѓународен турнир во Романија.
Минатата година КК „Дојран“ беше добитник на ПЛАКЕТА за посебно истакнати резултати во спортот на општина Дојран и овде не застанаа со успесите. Без егоизам, без ласкавост децата продолжија да тренираат, да спортуваат, да победуваат, освојувајќи златни, сребрени, бронзени медали и меѓународни трофеи.
Признание му беше доделено и на Крсте Поп-Кочев кој неуморно и посветено го промовира Дојран, особено за неговиот придонес кој започна од 1972 година па се до 1994 година, како играч на ФК „Дојранско Езеро“ – му беше доделена благодарница и плакета за исклучителна поддршка и значаен придонес во развојот на фудбалот во Дојран.
По повод 5 ноември беа доделени и плакети на фудбалерите од ФК „Дојранско езеро“ клуб кој е синоним за Дојран, формиран на денот на празникот пред 45 години.
Честитки за сите чинители на развојот на општина Дојран, за поубава иднина на сите граѓани.
Чествувањата продолжија со свечена седница на Советот на општината, со пречек на делегација гости од Марибор-Побрежје кои доставија донација за ДППД „Дојран“, а се преговара и за збратимување на двете општини од Македонија и Словенија.
– „За нас, 5ти Ноември е повеќе од празник, 5ти Ноември е симбол на слободата, симбол на сплотеноста, непокорноста и ненадминливата желба за живот, правда и право на среќа!“ истакна по повод празникот градоначалникот Анго Ангов.