Во чест на 17 ноември, Светскиот ден на прематуритетот (предвремено родени деца) во Гевгелија се одржа собир на мајки и деца кои се предвремено родени.
На собирот присуствуваатж 27 дечиња, придружувани од своите мајки, секој од нив со своја уникатна животна приказна за преживување, после предвременото напуштање на мајчината утроба, одржувањето во живот во инкубатор, медицинската грижа и прегратката со своето семејство.
Рекордер во тој успех во Гевгелија е малиот Лука роден во 28-та гестациска недела со 720 грама тежина. Лука покрај предизвикот да порасне во инкубаторот, исто така преживеа и канцер на црниот дроб , за кој мораше да му се трансплантира нов на возраст од само 2 години. Овој мал борец сега е детенце кои радосно се смешка.
Најмалиот рекордер по предвремено раѓање со најмал број на гестациски недели е Драган роден 27 г.н. и 920 грама родилна тежина. Републичкиот рекордер во предвремено раѓање е со 700 грама родилна тежина во 23-та гестациска недела, роден во Скопје.
Насанот се одржа во игротеката „Мали рачиња“ во Гевгелија. Се играа се дружеа малите големи борци во дружба со други мали соборци во проеживување како предвремено родени. На настанот присуствуваа и д-р Урумова, д-р Јанчева, исто така д-р Билјана Гацовска од Битола, и два дефектолози од мајка тереза Маринела и Кристина.
Катерина Божиноска од Гевгелија е мајка на две предвремено родени деца и самата ни’ сподели импресии од средбата и искуства од битката за живот на своите рожби.
– „На средбата беа присутни децата кои се предвреме родени , скоро сите се родени во ГАК Скопје поради тоа што тука локално нема стручен кадар и услови во кои би можело да се одржи во живот мало бебе особено во помалите гестациски недели. Многу често овие деца се во критична состојба уште во стомакот на мајката па се препраќаат во Скопје“ – вели Божиноска за GevgelijaNet.
– „Јас сум мајка на две предвремено родени дечиња, едното 27 г.н. со 920 грама, другото во 29 г.н. со 1.140 грама родилна тежина. Помалото беше доста критично и одржувано на респиратор еден месец. Беше со низок апгар со кој предвидувањата да биде со ментална заостанетост беа со можност од 99 %“, – вели Катерина.
Грижата како мајка ја натерало да бара светли, позитивни резултати од медицината за шансите на нејзиниот борец на респиратор.
– „Јас барав друго дете со таков апгар дали постои шанса да нема последици и од околу 30 жени што ги контактирав со такво искуство од Србија и Македонија, сите дечиња беа со последици , само едно не. Мојот оптимизам го положив на преживувањето на тоа дете и верував во тоа дека и моето дете има шанси да биде нормално. Среќата е преголема за нас. Тогаш сватив колку значи да имаш подршка. И затоа станав поактивна во групите за подршка. И случајно дојде до собирот на локално ниво во Гевгелија“, – вели храбрата, пожртвувана и истрајна мајка од Гевгелија, нашата млада соговорничка Катерина Божиноска.
Колку е важна силата на бебенцето да се избори за живот и исчекувањето на мајките додека се одвоени од своето чедо, е приказ на овие насмеани лица од собирот посветен на Светскиот ден на предвремено родените деца.
После дружбата и играта сите дечиња и мајките се упатија заедно на плоштадот во Гевгелија кај црвеното срце кое е наменето за собирање на пластични капачиња, а со намена да се купи инкубатор за Општа Болница Гевгелија.
Пораката од собирот е: „Да се гордееме со тоа што сме мајки на херои кои се бореле да преживеат од првиот здив, дека сме тука една за друга во секое време за емоционална подршка пред се’, која е најмногу потребна на мајка која е одделена од своето чедо, а тоа се бори за живот само“.
Ние им посакуваме среќа на овие силни дечиња и на нивните мајки во понатамошниот живот!