Стасаа сметките на ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија до домаќинствата и фирмите потрошувачи, за изминатиот месец декември 2022.
Новина во сметките се покачените цени на услугата за ѓубрарина за цели 100% и се однесуваат на метар квадратен станбена и на метар квадратен дворна површина, како и единечен паушал за одржување на јавната чистота во вредност од 50 денари.
Ако ја следиме дискусијата на советниците од гевгелискиот Совет на општината освен покачените ставки за ѓубрарина, потрошувачите на „Комуналец“ Гевгелија неоправдано и не законски за не извршена услуга плаќаат и за „Прочистување на отпадни води од домаќинствата и фирмите“, а Пречистителната станица не работи.
Се плаќаат и „Трошоци за баждарење водомер“ на домаќинства и на фирмите, а никој не баждари водомер секој месец.
Така излегува дека кај домаќинство со пресметана потрошувачка од 38 метри кубни вода за месец декември 2022 (од каде 38 м3 во зима ???), со станбена површина од 90 м2 и дворно место од 80 м2 зголемувањето на сметките за вода, заедно со неоправданите трошоци за прочистување на отпадни води и баждарењето кои „Комуналец“ не ги извршува, изнесува 465 денари. Со натпишаната кубикажа на потрошена вода сигурно и 570 денари.
Наместо да размислуваат за смемеен ручек за денешната празнична Василица, гевгеличани овој месец ќе треба да одвојат од своите примања и да платат за 10 евра и повеќе, повисоки сметки за вода.
Тоа е маката на граѓаните. Од друга страна пак, гевгелиски „Комуналец“ ги испорача сметките до потрошувачите и очекува да инкасира плус 7.500 „семејни ручеци“ на сметката на јавното комунално претпријатие.
Среќна Нова и комунално зановена 2023 година!