Програмата за рурален развој на Бирото за регионален развој на РС Мкедонија нуди можности за аплицирање со кофинансирање на проекти од страна на локалната самоуправа и Владата на РСМ.
За таа цел општина Гевгелија на последната 24-та седница одржана вчера (6.03.2023 год) донесе одлука да поддржи четири проекти од значење на одржливиот урбан и рурален развој на населените места во општината. Тоа се проектите:
1. Реновирање и адаптација на сместувачки објект во сопственост на Општина Гевгелија на локалитетот Смрдлива Вода;
2. Проект за поставување урбана опрема за детски игралишта во селата Ново Конско, Кованец и Мрзенци;
3. Поставување урбана опрема– контејнери и канти за рециклирање отпад во градот Гевгелија; (со овие три проекти ќе се аплицира на Јавен повик за финансирање од Бирото за регионален развој), и
4. Проект за „Реконструкција на спортски центар „Партизан“- Гевгелија“- за ова ќе се аплицира преку Центарот за развој на ЈИПР, „Подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Југоисточниот Регион“.
Вкупните капитални ангажмани за овие одобрени 4 проекти од Советот на општина Гевгелија, значат инвестиција од 760.000 евра, вкупна вредност.
За реализација на истите Општината треба да гарантира финансиско учество од локалниот буџет за 2024 година во различен размер од 20%, 30%, до 50%. За сите четири проекти тоа ќе значи финансиски ангажман за општината од вкупно 288.000 евра за следната година.
Од Југоисточниот плански регион учеството во реновирањето на спортската сала „Партизан“ ќе изнесува 8.629.000 денари, а средствата треба да ги одобри Бирото за регионален развој.
Што значи, Владата на Македонија преку Бирото за регионален развој ќе учеството во капиталните инвестиции за 2024 година во општината Гевгелија со вкупен износ на финансиски средства од 29.550.000 денари, или 477.300 Евра.
Ова се придобивки од јавните инвестирања кои ќе ги уживат гевгеличани, мрзенчани, децата од Ново Конско, Кованец и љубителите на Смрдлива вода доколку сите проекти бидат прифатени и одобрени од Бирото.