Младите фудбалери, од ФК „Џокер“ од Фурка, генерација 2012 и 2014 денеска тргнаа да се натпреваруваат на меѓународниот турнир “Dragan Mance Cup” кој се одржува во Белград, Србија од 16 до 18 јуни. Ова е традиционален фудбалски куп за деца, а нашите подмладкари од „Џокер“ на истиот настапуваат по четврти пат.
Турнирот “Dragan Mance Cup” годинава ќе собере на натпреварувачките терени вкупно 220 екипи од цел свет (по 40 екипи во категорија, бидејќи има 6 натпреварувачки категории) и тоа екипи од Канада, Русија, Романија, Казахстан, Австралија, Полска, цел Балкан вклучително и „Џокер“ од Фурка, Македонија.
Македонија ќе ја претставуваат 25 деца од „Џокер“ со нивните двајца тренери Кристијан Ристов и Стефан Терзиев. „Џокер“ 2014 ќе настапи во групата F утре, на 16 јуни, каде се среќава со ФК „Графичар“ во 8:00 часот , а потоа со „Миланело“ во 10:30 часот.
Екипата на „Џокер“ 2012 ќе се натпреварува во Групата А и ќе го одигра првиот натпревар против „Будучност А“ исто така утре на 16 јуни во 10:30 часот.
Освен турнирот “Dragan Mance Cup”, малите фудбалери од Фурка ќе земеме учество и на еднодневниот турнир во Недела, на 18 јуни, турнирот “Millenium Cup” кој истотака се одржува во Белград.
Во Сабота во 13:30 часот ќе има пренос во живо на SPORT KLUB 1 телевизија.
Домаќините од Белград веќе им посакаа добредојде на децата од Македонија, од топлата Фурка.
Тридневна фудбалска натпреварувачка тура претстои за нашите фудбалери од југот на возраст од 9 до 11 години. Ова е прва меѓународна офанзива на малите фудбалери од „Џокер“ за годинава. Инаку фудбалската публика ги препознава по тоа што каде и да настапуваат се враќаат со трофеи. Последниот трофеј им е за освоеното Второ место од маѓународен фудбалски турнир за деца што се одржа во ноември 2022 година во Бугарија. Трофејот го подигна генерација 2014.
Инаку, со поголемите генераци „Џокер“ е ВИЦЕШАМПИОН на Македонија во Трета фудбалска лига на ФФМ.
Со овие заложби и резултати можеме само да им посакаме на децата од југот игра без трема, лесни нозе и прецизен удар со фудбалската топка до голот на противниците.
Среќно!