Првпат во историјата на македонското здравство, утрово од еден дарител беа експлантирани четири органи во еден акт.
„Благодарение на хуманоста на едно семејство, нивната љубов, добрина и емпатија која ја носат во себе, рано утрово ново срце почна да чука во градите на 40 годишен пациент од Скопје“, велат од министерството за здравство.
Нова шанса за живот и црн дроб доби пациент со хронична црнодробна болест, а двајца пациенти на дијализа во текот на денот ќе добијат бубрези. Дополнитено шанса за поквалитетен живот наредниве денови ќе добијат пациенти со коскени заболувања.
– „Уште еднаш благодарност до семејството на донорот кои со нивната несебична одлука ни донесоа утро полно надеж и верба во безусловна добрина“, додаваат од МЗ.
– „Благодарност до сите медицински тимови кои изминативе 24 часа работеа и се уште работат на скопските хируршки и интерни клиники. На пациентите кои добија органи им посакуваме брзо опоравување. Горди сме на секој нов успех во македонското здравство“ истакнуваат од МЗ.
Во изминативе три години Македонија забележа значителен напредок во областа на донирање на органи.
Лани имаше трансплантации и на 10 бубрега од починат дарители, 2 срца кај тешки пациенти и извршени 10 инплантации на коскени ткива. За последниве две години тоа се вкупно 8 срца, 30 бубрези, 20 коскени ткива.
Првата трансплантација на црн дроб се случи на 24 ноември лани, а втората на 4 јануари годинава.
Ерата на трансплантации во Македонското здравство започна со 43 годишна Емилија Динева од Дојран која е првиот донор на срце во Македонија, после кобна сообраќајна несреќа, во мај 2020 година. Македонското здравство напредува со трансплантациите, а човекољубието како чин на одобрување на трансплантацијата од починат донор од страна на роднините расте.