По шест часови интензивна акција на пет единици од јавните служби на Македонија, денеска во 18:30 часот е локализиран пожарот кој напладне изби во атарот на с.Николиќ, општина Дојран.
Најефикасни во гаснењето беа хеликоптерските сили на МВР кои направија 20 прелети и исфрлија 50 тони вода над опожареното подрачје. Хеликоптерите во 18:30 часот се повлекоа од терен откако пожарот е локализиран, па на терен останаа ПП сили на Гевгелија, Валандово, Дојран и работници на ШС„Кожуф“ од Гевгелија. Вкупно 40 лица беа ангажирани со шест ПП возила и хеликоптер.
Во моментот на теренот се активни 38 лица кои во пресрет на огнот работат на негова конечна ликвидација
На терен први излегоа членовите на Доброволното Противпожарно друштво од Дојран со 10 свои доброволци и 2 ПП возила. На помош во 12.30 часот пристигна и екипа од ТППЕ Гевгелија составена од 6 пожарникари, една ПП возило за гаснење и едно возило „Амрат“. Противпожарните интервенции се засилија со присуството на уште 20 вработени од ШС „Кожуф“ Гевгелија со две возила „Амрат“ и 2 пожарникари од ТППЕ Валандово со едно ПП возило.
– „Засега не ја знаеме површината на опожарениот појас и настанатата штета. Со сигурност знаеме само дека во прашање е „човечки фактор“. Имаме пријава за лице кое палел суви стрништа во близина на патот кој води до с.Николиќ“ – изјави за GevgelijaNet.com претседателот на ДППД Дојран Стојан Шулев.
Органите на прогонот ќе работат на пријавата.
Посакуваме конечна ликвидација на пожарот и елиминирање на секаква огнена закана за тамошните жители и нивните имоти.