Гевгелиските пожарникари, припадници на ТППЕ Гевгелија, во текот на месец август годинава интервенирале против гаснење на пожар во 30 случаи, во текот на 30 дена од месец август.
Август има 31 ден. Тоа значи дека нашите пожарникари секојдневно биле на терен во заштита на природата, општествените добра и имотот од опожарувања и гаснење на настанатите пожари во атарот на својата надлежност, општините Гевгелија, Богданци и Дојран, без слободен ден, без викенд, без одмор, зошто пожарот не познава „време на починка“
Пожарникарскиот дневник на ТППЕ Гевгелија вели дека најголемиот број од пожарите во август се пожари на отворен простор, шумски и полски пожари, дури 23 интервенции. Во останатите 7 интервенции за август екипата учествувала во гаснење на опожарена куќа и градежни објекти (3), технички интервенции (2) и групната категорија „останато“ (2), опожарен контејнер и ѓубриште.
– „Во септември заклучно со вчера екипата на ТППЕ Гевгелија учествуваше во гаснење на шест (6) пожари. Во однос на август видно е намален бројот на интервенции“ – изјави за GevgelijaNet командирот на ТППЕ Гевгелија Игор Ризов.
Тој додаде дека: „Најголема интервенција од септемвриските ангажмани на единицта на ТППЕ Гевгелија беше пожарот во атарот на с.Фурка. Истиот изби на 18.09. во 12:40 часот, а противпожарните сили од Гевгелија (7 лица), Валандово (5), ДППД Дојран (3) и вработени од ШС „Кожуф“ (6 лица) успеаја да го стават под контрола во 18:40 часот. На помош беа и две летала ер-трактори на ДЗС кои гаснеа по краевите од пожарот за да не се прошири кон Казандол, или кон Паљурци како минатите години“ истакна командирот на ТППЕ Гевгелија, Ризов.
Во атарот на с.Фурка завчера изгореа околу 200 хектари мешана шума.
Постарите знаат да кажат за професијата пожарникар: „Да ги има, да ги плаќаш, подобро да немаат работа“ (оти тоа значи штета, нечија несреќа, изгубен имот)!.
Од нас ја упатуваме пораката: „Имајте мирен септември, без пожари!“