ПРЕС на МВР и Јавното обвинителство се одржа утрово.
Од страна на Министерпт Оливер Спасовски беше посочено следново:
- „Преземените опсежни мерки и активности од страна на полициски службеници на СВР Скопје нѐ доведоа до сторителите на ова грозоморно кривично дело без преседан – тие се утврдени, приведени и за нив по извршените вештачења и искази се собрани материјални докази.
Поточно, во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои за три е веќе определена мерка притвор, едно е надвор од државата, а петтото лице, (татко на малолетничката), е приведено, со него е извршен распит и понатаму ќе се преземаат мерки по насока на ЈО. Како што сте веќе запознати, мотивот е користољубие, при што едно од лицата, во договор и со знаење според првичните сознанија, на член на семејството, го организирало извршувањето на кривичното дело, со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката, од кои понатаму сите инволвирани би имале материјална корист.
Што се однесува до другата жртва, повозрасното машко лице од Велес, кое нема никаква врска со малолетничката, директно лицето и малолетничката од Скопје, но поради нерасчистени односи со еден од осомничените, а неговото возило „цитроен“ е одземено и употребено при извршување на кривичното дело, за потоа ова возило да биде пронајдено опожарено. Токму со тоа возило е земена малолетничката и тоа во влезот на зградата, односно живеалиштето, откако претходно според исказите на осомничените нејзиниот татко споделил информации со организаторот за денот и времето на нејзиното излегување сама од домот.“- рече Спасовски на пресот.
На прашањето зошто барањето за откуп завршило со убиство, обвинителот Гаврил Бубевски рече дека осомничените ги фатила паника дека се следени и затоа решаваат подоцна да ги бараат парите и го убиваат девојчето.
На прашањето дали имаат информација преку кој граничен премин е избегано едно од осомничените лица, министерот Спасовски рече дека МВР има таква информација, дека е избеган заедно со неговиот адвокат. Избегани се во Белград, а потоа во Бугарија.
Бубевски рече дека во однос на инволвираноста на таткото, двајца од осомничените разбрале од таткото кога излегува девојчето од дома. Тоа се посредните докази со кои располагаме, рече Бубевски, што насочува на истрага на таткото.
За тоа дали и таткото со осомничените бил во бизнис-врска, Бубевски рече дека истражните дејства се насочени во тој правец. Првично, рече, се испитува дали причината е некој стан.
На поконкретно прашање дали таткото е директно инволвиран, Бубевски рече дека сега се утврдуваат врските, односно дали се работи за организирана група и дали сите се со ист мотив.
„За таткото засега имаме докази дека посредно учествувал во информирањето кога девојчето ќе излезе од дома за да биде земено. Немаме сознанија дека е вмешан во мотивот за убиство. Едно од осомничените лица кажа дека информациите за девојчето ги има од таткото. Според мене, од исказите се гледа јасна хронологија на нивните дејствија, па немам сомнеж во исказите“, рече Бубевски.
Министерот Спасовски рече дека засега информациите се дека избеганото лице е директен извршител.
– „Секако, главен организатор, а воедно и извршител кој со пиштол на 27.11. според досегашните утврдени докази некаде околу 10:00 часот ја усмртил малолетничката, исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започнатата веднаш истрага од страна на полицијата, е лицето кое ја напуштило државата непосредно по стореното кривично дело. По него се трага. Можам да ви ветам дека ќе сторам сѐ јас и институцијата, ова лице, или подобро овој монструм, на кое му ја следиме трагата, час поскоро штом стапне на наше тло, да биде изведен пред лицето на правдата“ – рече минисерот Спасовски на денешниот прес.
На новинарско прашање Бубевски одговори дека поради интензивната потрага по детето во јавноста, осомничените одлучиле откако ќе го ликвидираат детето, да ги бараат парите. Тој додаде дека часот на убиството е изведен според тоа што тие го признале, а дека тоа сѐ уште се утврдува и се чекаат материјалните докази и обдукцијата.
Бубевски рече дека исказите и материјалните докази се силен аргумент за обвинителството и дека следните искази е тешко да се променат.
„Во однос на мотивот и зошто се одлучиле да го убијат девојчето, тоа треба уште дополнително да се разјасни“, рече Бубевски.
Според министерот Спасовски, на денот кога се случило грабнувањето имало две пријавувања, првата од мајката во 8.30, а во 11 часот од таткото. По првата пријава веднаш се преземаат активности, а во Велес полицијата презема активности за случајот со исчезнувањето на 74-годишниот Панче Жежоски.
„Се вршат разговори со сите лица и во училиштето и во Велес што би можеле да дадат каква било информација“, рече Спасовски.
Новинарите реагираа што е сторено во меѓувреме откако е исчезнат Жежоски и неговото возило.
„Тоа возило не се движи до 27 ноември и немавме информација дека е одземено. А е регистрирано од камери, како и возило рено. Извршен е и претрес во политичката партија Трета, на која ѝ припаѓале и најдени се извесни информации“, рече Спасовски.
„Станува збор за изолиран случај, а не е поврзан со генералната јавна безбедност. Бесмислица е дека заради собирот на ОБСЕ не се објавени информации за убиството. Освен тоа, друг оддел на МВР се занимава со безбедноста на ОБСЕ“, рече Спасовски.
Материјалните и вербалните докази се идентични, рече Бубевски.
Таткото го пријави исчезнувањето, бидејќи беше во Скопје, не беше со тие лица во тој момент, и на секое јавување од полицијата одговараше, рече Спасовски.
За тоа дали и адвокатот е вмешан, Спасовски рече дека избеганото лице заминало со својот адвокат.
Телото на девојчето е најдено на територија на Чучер Сандево, на локацијата Бразда.
Според Бубевски, мотивот се крие зад доверителски односи. Панче Жежовски должел 500 евра, можеби затоа му го одзеле возилото, односно прво е грабнат за да го користат возилото и е убиен, рече Бубевски.
Тој додаде дека од исказите се дознале местата на убиството и каде се закопани.
На прашањето дали ќе поднесе оставка, Спасовски рече дека полицијата посветено работела од прв момент и дека во никој случај не може да се навлегува во политички прашања.
На прашањето дали лицето за кое се смета дека е главен организатор можеби е поврзано и со претходни убиства, обвинителот Бубевсвки рече дека се испитуваат сите информации и можна поврзаност.
Дали мајката на девојчето може да се исклучи од осомничените, прашаа новинарите.
„Мајката нема улога во никакво дејствие од проблематична природа“, одговори Бубевски.
– „И уште еднаш, наспроти шпекулациите и дезинформациите за етничка заднина на случајот, со цел подгревање меѓуетничка нетрпеливост, должен сум уште еднаш да напоменам дека сите осомничени се од македонска етничка припадност“ – истакна на крајот од пресот министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.