Освен зеленилото, во новиот парк близу булевар „Гевгелија“ наскоро на посетителите ќе им прави друштво и ново спомен обележје – „Параклис посветен на Св.Архангел Михаил“. За него одлука донесе Советот на општина Гевгелија согласно програмата за одбележување на значајни настани и истакнати личности од Гевгелија за периодот 2024-2029.
Спомен обележјето ќе биде донација од МПЦ – Охридска архиепископија Повардарска православна епархија Велес.
Значи, не биста на Сингер, не на Џаџев, како што се предлагаше едно две децении наназад, не на Мирче Ќорнаков, за кого се предлагаше да биде поставено спомен обележје во местото каде се собираат млади … Параклис на Св. Архангел Михаил ќе другарува со паркољубците на новиот урбан парк на КП 2885/1 и КП 2942 КО Гевгелија.
Михаил е меѓу главните ангели во Аврамските преданија; се вели дека неговото име било борбен извик на ангелите на небесата во борбата против Сатаната и неговите следбеници.
Михаил, заедно со Свети Ѓорѓи станал светец-заштитник на витештвото. Во 15-от век во 1469 година формиран е првиот витешки ред. Во многу христијански кругови Свети Михаил се смета за заштитник на борците. Полицајците и војниците, а особено падобранците го сметаат за нивен светец-заштитник.
Инаку, Параклис (грчки: Παρεκκλήσ, покрај црква[1]) – значи црквиче во кое не се служи литургија. Вообичаено параклисот е мал христијански храм, место за повремена богослужба, за приватно богослужение.
Ваков Параклис на Св. Архангел Михаил во Македонија има на влезот од селото Ропотово, општина Долнени.