Во организација на шаховскиот клуб „Тим Анпасан” од Крива Паланка вчера се одржа турнир во забрзан шах за деца до 18 години, на кој учествуваше и 4-ро член тим од ШК „7 Ноември“ од Гевгелија.
На турнирот учествуваа 54 деца од Струмица, Гевгелија, Битола, Куманово, Скопје, Свети Николе, Гостивар и Крива Паланка, како и соседна Бугарија.
Најдобар од гевгелиските младинци беше Кристијан Кавазов во конкуренција до 14 год. кој успеа да го освои ВТОРОТО место, а со тоа и медал и парична награда.
Успешен пласман имаше и Илија Велков во конкуренција до 18 години кој успеа да се пласирана ТРЕТО место и исто така се стекна со медал и парична награда.
Младинскиот првак во шах до 16 години Ефе Ибраимов и учесник на Европското првенство годинава, со сите ангажмани, емоции и напредок кои можат да станат и психолошки терет, успеа да се пласира на 10-то место во својата конкуренција.
Четвртиот учесник Дарко Ѓоргиев се пласираше во долниот дел од табелата.
Ова е голем успех за Шаховскиот клуб од Гевгелија зошто во континуитет младите шаховски сили на ШК „7 Ноември“ постигнуваат успеси и високи пласмани на сите учества од републички и меѓународно рангирани турнири. Од 60-те активни членови на гевгелискиот шаховски клуб 20-на се деца и млади и тие се новата спортска надеж на клубот.
Можеби во лицата на овие насмеани младинци се крие и новиот титулар за шаховски мајстор на Македонија од Гевгелија!