Здружението на психолози и Психијатриската Асоцијација на Македонија одлучија да пружат бесплатна помош на граѓаните од Кочани кои деновиве се во шок, живеат со траума после траорната ноќ на 16 март и трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Одлуката за доброволната психијатриска помош ја соопшти д-р специјалист психијатар Мице Дудучки кој и самиот се вбројува во тимот за психијатриска помош на кочанчани.
Оваа вест доаѓа после два дена немир, протесни маршеви, демолирање на кафетерија на сопственикот на „диското на смртта“ како што го нарекоа тамошните жители и јавниот крик упатен синоќа од жител на Кочани: „Оставете ни’ ги децата. Не знаат што прават од болка. Ако сте власт пратете ни’ психолози, педагози, не ни праќајте полиции!“
- „Нашите екипи ќе работат се’ додека има потреба. Масовниот одзив на струката ме радува и ми дава надеж за ефикасна и успешна реализација на планираните активности. Сега обезбедуваме лекови потребни за психотрауматизираните. Да бидеме хумани, солидарни и професионални и во овој тежок период за граѓаните на Кочани!“ – напиша на социјалните мрежи д-р психијатар Дудучки.
Веќе пристигнуваат коментари на одобрување дека освен морална поддршка на жителите на Кочани потребна им е и стручна медицинска помош.
– „Секоја чест докторе. Секако покрај морална подршка, потребна им е и стручна медицинска помош“ – стои во коментар на социјалните мрежи.
За нацијата која тагува ова треба да биде исто така знак на солидарност и човечност која постои меѓу здравствената фела, која доброволно ќе се впушти да ја ублажи психолошката траума која деновиве колективно ја доживуваат кочанчани.