Хуманото срце кое не издржа од шокот по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, возачот на Итната медицинска помош од Кочанската болница, Иле Гоцевски (42) ќе биде постхумно одликуван.
Тој цела ноќ превезувал повредени лица со изгореници од огнената ноќ во дискотеката, возел 11 пати на релација Кочани – Скопје – Кочани. Кога се вратил дома легнал да спие и повеќе не се разбудил. Иле им се придружи на настраданите од кобниот 16 март 2025 и стана 60-та жртва од несреќата во Кочани.
Одлуката за негово постхумно одликување ја најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
- „Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравствоm планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам. Во вонредна состојба сите работиме без да погледнеме во часовникот“, кажа Таравари.
Според објава на неговото семејство, Гоцевски си дошол дома после тешката ноќ, легнал да спие и не се разбудил.
Неговите колеги од ИМП од Кочани изјавија:
– „Шокирани сме од веста дека нашиот Иле веќе го нема. Беше многу вреден човек, беше многу добар возач и колега и хуман човек. Во моментот на пожарот беше ноќна смена и превезуваше настрадани од дискотеката и покрај тоа што претходно на колегите се пожалил дека не се чувствува добро. Имал многу низок протисок, примал инфузија, но потоа станал и заминал да помага. Легнал да спие и не се разбудил. Причината, колку што ние знаеме, а не сме сигурни, се претпоставува дека е мозочен удар“, изјавиле негови колеги од Брза помош од Кочани.
На 16 март, во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 лица од кои шестмина се малолетници, 3 лица биле на 16, а уште три деца на 17 годишна возраст. Денеска жртвите колективно се погребуваат на заедничка локација во Кочани, 31 лице, како и во Штип, Пробиштип, Облешево, Скопје, Струмица.