Среќни и благодарни за медицинската помош и нега – Мирче, Ефимија, Александра, Ангела и Надица денес се враќаат од Белград каде беа на лекување изминативе 40 дена во своето Кочани.
Тие беа повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“, а по закрепнувањето во текот на здравствената нега што ја добија во Универзитетскиот клинички центар Србија во Белград денеска со членови на своите семејства како придружници се враќаат дома.
Момент на емоции и разделба со медицинскиот персонал кои изминатиов период професионално и пожртвувано се грижеше за повредените пациенти од Кочани.

Петмината пациенти Мирче, Ефимија, Александра, Ангела и Надица заедно со своите фамилии се враќаат во Кочани на домашна нега.
Од Министерството за здравство информира дека денеска пет пациенти од повредените во трагедијата во Кочани се враќаат од лекување од Клиничкиот центар во Србија, по што согласно протоколот тројца ќе бидат под опсервација на Клиниката за пулмологија и по еден пациент на Клиника за пластична хирургија и во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“, соопштија од МЗ.
До крајот на неделата според информациите ќе бидат отпуштени уште двајца пациенти, а отпусти се планирани и за следната седмица.

Во моментот на УКЦС – Белград на лекување остануваат уште осум пациенти. Претходно, четири пациенти си заминаа на домашно лекување од вкупно 17-те кои беа хоспитализирани на Универзитетската клиника во Белград.