На меѓународен натпревар по информатичко размислување, учениците Јане Јанкуловски и Јован Јованов, 4-то одделенци од ООУ „Ристо Шуклев“ од Негорци освоија ВТОРА награда.
На натпреварот учествуваа повеќе ученици од училиштето, но само Јане и Јован освоија награда, и тоа високо рангирана, Втора награда. Признанието е високо, особно и од фактот што на натпреварот учествуваа ученици од повеќе држави Србија, Бугарија, Косово, Македонија и др.
Организатор на натпреварот е „New Corner“, едукативен центар за промовирање информатика од Скопје. Учениците од Гевгелија беа под менторство на наставничката Елизабета Јанева, од ООУ „Ристо Шуклев“ Негорци, но имаа и голема поддршка од родителите.
– „Натпреварот се одржа во април, онлајн. Можеше да се пријави секој ученик што има информатички предзнаења. Имаше примамливи награди за 1, 2, 3 место… лаптопи, ваучери… На истиот имаше прашања од информатичка писменост и логички задачи. За натпреварот учениците вежбаа во училиштето и дома“ – изјави за GevgelijaNet наставничката-ментор Елизабета Јанева.
– „Kога наставникот е посветен на својата работа, успехот е неизбежен“ – додаде таа ставајќи акцент на симбиозата ученик-наставник-ментор.
Учат, знаат и напредуваат. Минатата недела Јован освои и Прво место на натпревар по природни науки за ученици од 4-то одд. во конкуренција на негови врсници од цела Македонија.
– „Ги охрабрувам родителите да ги пријавуваат своите деца на разни натпревари, не мора да очекуваат натпревари организирани само од училиштето. Така се стекнува искуство, самодоверба, а резултатите доаѓаат со самиот труд“ – упати порака до родителите менторот Јанева.
Им честитаме на учениците и на посветениот ментор за нејзиниот труд кој е видлив преку остварувањата на самите ученици, Јане и Јован!