Екипата на ТППЕ Гевгелија и денеска е на терен во акција за гаснење на пожарот во атарот на с.Стојаково, поточно во стојачкото поле. Присутниот ветер на теренот кој дува со брзина од 15 km/h ги разгоре згариштата и создаде ново активирање на пожарот кој синоќа беше совладан дури посе 7 часовна интервенција на целата екипа на ТППЕ Гевгелија со 4 ПП возила, 1 теренско возило и 10 пожарникари. Пожарот беше совладан во 22:30 часот кога тимот на ТППЕ се врати во својата базна станица во Гевгелија.
Денеска дојавата за активирање на нова огнена закана во стојачкото поле пристигна во 13:45 часот и се’ уште трае борбата со огнот.
Во текот на вчерашниот ден пожарот кој беше пријавен во 15:40 часот зафати голема површина насад со пченица. Огнената стихија зафати и околни ниви, насади со лозја, пластеници и други земјоделски култури. Опожарена е површина од 300 декари, односно 30 хектари од стојачкото поле станаа пепел. Утринава и воздухот во Стојаково, Богородица, Гевгелија мирисаше на чад.

Вчера на 22.06.2026 пожарникарите од ТППЕ Гевгелија се соочија и со втор пожар. Истиот е заведен и во ОВР Гевгелија од каде денеска известуват:
– „Околу 14:30 часот во ОВР Гевгелија е пријавено дека настанал пожар во продажен објект на ул.„Индустриска“ во Гевгелија. Пожарот е изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Гевгелија, а при гаснењето еден пожарникар вдишал чад и бил пренесен во Медицински центар Гевгелија, каде му била укажана помош. Увид бил извршен.“
Продажниот објект на улица „Индустриска“ е маркетот на „КАМ“ каде настанал пожар од електричната инсталација. Пожарот беше посебно ризичен, но единицата на ТППЕ Гевгелија стручно и професионално се справи со проблемот.




















