Во спомен и чест на прерано починатиот планинар, член на ЗПСК „Кожуф“ Димитар Кангов од Гевгелија, неговите планинарски колеги од Гевгелија викендов успешно го организираа 21-от Меморијален марш „Димитар Кангов – Кангата“ со искачување на врвот Зелен брег на Кожуф планина.
Зелен Брег (2166 м н.в.) е највисокиот врв на планинската убавица кај Гевгелија, а Кангов почина пред 21 година при искачување токму на тој врв, но од грчка страна.
На маршот земаа учество околу 100-на планинари, членови на ЗПСК „Кожуф“, но и гостински клубови од ПСК „Осогово“ – Кочани, ПК „Серта“ – Неготино, ПСК „Двете Уши“ – Гевгелија, ПК „Ентузијаст“ – Струмица, ПСЗ „Козјак“ – Прилеп, „Free Hikers“ – Неготино, како и 10-ина ученици од ООУ „Климент Охридски“ – Миравци. Најстар учесник беше Лазар Кочев, а најмлади учесници беа Ангел Карајков, Калина Ашикова и Јован Мандалов.

Времето при искачувањето беше ветровито со длабоки повеќе метарски соспи од снег на Кожуф планина, па го направија напорот на планинарите поупорен и потежок во спроведувањето на целта. Ва врвот температурата беше 4 – 5 степени целзиусови, а домаќините гостите планинари ги пречекаа во Гевгелија на 21 степен дневна температура. Сепак, сите го издржаа предизвикот, се искачија на врвот Зелен брег и на тој начин оддадоа почит кон именосецот на Меморијалот, Димират Кангов.


На пригоден собир помеѓу сите планинари, од страна на организаторот Магдалена Јованова, претседателка на ЗПСК „Кожуф“ Гевгелија, беа додели благодарници на сите планинарски друштва кои учествуваа на 21-от Меморијален марш „Кангата“, на учениците од Миравци, на најмалите и најстариот учесник на маршот кои ги дели генерациски јаз од 75 години.

Убав планинарски спомен, ден во кои планинарите прошетаа низ две годишни времиња, и есенска температура на старт, и зимска температура со снег на врвот Зелен брег, споделени емоции за својот клубски колега и љубител на планината и висините Димитар Кангов, познат правник, адвокат од Гевгелија.

Планинарството е другарство, пријателство, овде спомените траат и се обновуваат со новите пријатели и учесници на планинарските акции.




















