Најмалку 18 лица починаа во Франција, меѓу кои и две деца кои биле оставени во автомобил на висока температура, во топлотниот бран што ја зафати Европа и урна температурни рекорди во неколку градови, пренесува „Ројтерс“.
Додека училиштата во Франција беа затворени или го променија распоредот на часови, метеоролозите во Велика Британија предвидоа дека температурите би можеле да соборат рекорди за месец јуни оваа недела.
Температурата во Бордо, во западниот вински регион на Франција, достигна 41,9 степени целзиусови со што беше соборен рекордот поставен во август минатата година. Во Поатје, во централна Франција, температурата достигна 41,2 степени, надминувајќи го претходниот максимум забележан во 1947 година.

Во Сан Себастијан, во традиционално посвежиот северен дел на Шпанија, се очекуваше температурата да достигне 40 степени, што е повеќе од двојно над историскиот просек за 22 јуни во овој град, според Reuters Climate Monitor, кој покажа дека Европа во понеделникот била континентот најдалеку од своите вообичаени температурни просеци.
Во априлскиот извештај на Светската метеоролошка организација беше наведено дека Европа се загрева со повеќе од двојно побрзо темпо од глобалниот просек.

Причина за екстремните горештини е маса на врел воздух која од Сахара се движи кон север, поттикната од силен систем на висок воздушен притисок познат како африкански антициклон. Метеоролозите објаснуваат дека овој феномен го заробува топлиот воздух над западна и централна Европа, предизвикувајќи постојан пораст на температурите од ден на ден.
Франција бележи алармантни последици. Од 18 јуни, дури 40 лица го загубиле животот давејќи се додека се обидувале да се разладат, а властите наведуваат дека најголем дел од жртвите се млади луѓе. Премиерот свикал итен кризен состанок, додека службите ги предупредуваат граѓаните да избегнуваат капење на небезбедни места како реки и езера.
Топлотниот бран не создава проблеми само за граѓаните, туку и за енергетската инфраструктура. Во Франција привремено бил исклучен реактор во нуклеарна електрана во близина на Тулуз, бидејќи водата од блиската река станала премногу топла за безбедно ладење на системот.

Трагедии се регистрирани и во Германија, каде за време на викендот најмалку пет лица загинале во несреќи поврзани со капење. Слични извештаи пристигнуваат и од други делови на Европа.
Во исто време, Велика Британија беше погодена од силни невремиња и обилни врнежи, со околу 3000 удари од гром во Лондон за само два часа. Сепак, метеоролозите предупредуваат дека тоа било само најава за нов топлотен удар, бидејќи земјата во текот на неделата очекува можни рекордни температури.



















