Од 26-ти септември стапи во сила измената на Закон за безбедност во сообраќајот со кој се воведува забрана за пешаци да преминуваат улици со мобилен телефон на уво и разговарајќи, бидејќи законот вели казната е 40 евра за тој прекршок.
- „Пешакот е должен кога се движи по коловоз под услови утврдени со овој закон или кога преминува преку коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента, да се движи и преминува внимателно, без притоа да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, паметен часовник или друг вид на електронски уред, со кои би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или велосипедската лента“, стои во член 116-а од Закон за безбедност во сообраќај.

Казна ќе има и за оние што возат тротинет, но и за трактористи и за велосипедисти доколку користат мобилни уреди или имаат слушалки во уши за време на возење. Казната за тоа е 50 евра.
И натаму останува половина промил алкохол во крвта како опис на возење во пијана состојба, за кој прекршок казната изнесува 225 евра и одземање на возачката дозвола во траење од три месеци. За најпијаните, односно оние кои имаат над еден и пол промил алкохол казната ќе биде 375 евра и забрана за возење од 9 месеци до една година. Законот дозволува на полицијата многу поголема употреба на нови видови на видео надзори меѓу кои е „Сејф сити“.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) велат дека од денеска стапуваат на сила новите измени на ЗБСП кои се усвоени со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот.




















