16 октомври е 18-годишнината од трагичното заминување на балканскиот славеј, Тоше Проески. Пред неговата смрт, во десет години од неговата кариера, тој успеа многу повеќе од многумина за половина век. Ќе го паметиме по неговите песни, харизма и глас што се раѓа еднаш на сто години…
На овој ден пред 18 години Тошe Проески го возеше својот Туарег на пат кон Загреб, некаде по полноќ. Неколку часови подоцна другар му Џоле седна зад воланот, на тој сив 16 октомври 2007 година. И, некаде пред зазорување, околу 6 часот изутрината, се случи трагедија. Тоше не стаса во Загреб, не се врати дома. Тој само тивко влезе во Клуб 27…
Секоја година, неговите блиски, но и обожавателите, се потсетуваат на неговата големина, на неговите песни, на неуморната енергија на концертите, на моќните зборови и на сето она што беше тој, а понекогаш не се опишува со зборови.
Се организираат спортски и хуманитарни настани во чест на Тоше, како и 18-от традиционален Меморијален маратон од Нова Градишка, каде што загина на кобниот 16 октомври 2007, до неговото родно Крушево.
Неговите колеги, соработници, пријатели, но и обожаватели, денес се сеќаваат на него со неговите песни, стари фотографии, заеднички спомени или текстови напишани од душа.
– „Тоше има само датум на раѓање и живее во сите наши срца, во сите спомени, стихови, ноти и песни… Ангел што љубов на сите ни носи“- напишаа на социјалните мрежи Александар и Дац.
View this post on Instagram
– „Утрото кое ни го зема единственото вистинско добро што ни го дари Бог е пред нас. 16.10.2007 година, 6 часот и 20 минути кога цела Македонија се разбуди од плачот на универзумот“ напиша на социјалните мрежи Игор Јакимовски.

Тоше живее во нашите спомени и музиката што ни’ ја остави, но замина предвреме, во цутот на младоста кога требаше да ја стартува светската музичка кариера.
„Мојот живот, неиспишани страници… “ пееше Тоше.
ТОШЕ, уште си болка непреболена!




















