На меѓународен саем за мед одржан во Тузла, Босна и Херцеговина, нашинецот Трајко Илиев од Негорци освои ЗЛАТЕН МЕДАЛ за најдбар мед мешавина од ливадска испаша.
Ова е големо признание за македонскиот мед со потекло од гевгелиско, со најдобрите оценки добиени од стручното жири од Технолошкиот Факултет при Универзитетот во Тузла. Настанот го организираше Сојузот на пчелари од Тузланскиот кантон во БиХ, по повод 20-от јубилеен Меѓународен саем на мед 2025.

Трајко Илиев се занимава со пчеларство веќе 15 години, од 2010-та, па одгледувањето на пчелите му се пасија од која успеал да создаде сладок производ кој му носи признанија и медали.
Медалот од Тузла доделен на 18 октомври му е втор медал освоен подинава, инаку Тузланскиот технолошки институт неговиот мед го награди со златен медал и во 2020 година. Првиот медал ЗЛАТЕН Трајко го освои на саем во Тетово 2020 исто за најдобар мед. Во 2023 одина освои ЗЛАТЕН медал за ливадски мед на саем во Струмица. Минатата 2024 година на Саем за мед во Струмица освои три медали и ПЕХАР за најдобар цветен мед.

Годинава Трајко и неговиот син Антониј освоија ДВА ЗЛАТНИ медала за „Најдобар ливадски мед“ на Саем во Струмица. Значи, за пчеларникот на семејството Илиеви „нема зама“, новата генерација, синот Антониј веќе се заинтересира за пчелите и пчелните производи и рамо до рамо со таткото освоојува медали за квалитет.


И сега, бидејќи квалитетот на далеку се препознава, така и локалните медокусци не го пропуштаат производот на Трајко туку со радост го купуваат.
Годишно Трајко произведува 150 до 250 килограми првокласен мед, а рекордна година му е прозводството на 380 килограми сладок пчелен производ.
– „Од мали нозе имав желба да станам пчелар и купував само мед од домашни производители. Често пати читав за пчеларството и придобивките од конзумирање на мед и другите пчелни производи“ – вели за почетоците на своето слатко хоби нашиот соговорник Трајко Илиев.
– „Освен мед произведувам и прополис, перга, матичен млеч и медово вино за лични потреби. За производните постапки се самоедуцирам со стручна литература од специјалисти“ – вели пасионираниот медопроизводител Трајко кој очигледно не ги греши рецептурите штом освојува меѓународни медали.

Па, бујрум, кога ќе решите да вкусите квалитетен мед побарајте мед со МЕДАЛ за квалитет од Трајко Илиев од Негорци. Пчеларникот се наоѓа во Негорци и секој жител го знае Трајко и ќе Ве упати на право место.
Честитки за медалоносецот!
Нека Ви е наздравје слаткиот мед на сите што ќе го вкусите од ливадските испаши во подножјето на Кожуф, низ гевгелиските цветни падини!





















