Од 10 часот изутрина, значи веќе 7 часа активен е пожарот во Стар Дојран каде гореше шумски појас во областа Сретеново, деградирана шума и сува вегетација, а попладнево со помош на ветрот огнот стаса до месноста Владаја, во Стар Дојран.
Ова е близу границата со јужниот сосед Грција.
На терен се присутни засилени екипи на ТППЕ Гевгелија со 7 пожарникари и едно противпожарно возило, ТППЕ Валандово со 2-ца пожарникари и 1 ПП возило, Доброволното противпожарно друштво „Дојран“ од Дојран со 5 пожарникари и 2 ПП возила и Шумско стопанство „Кожуф“ Гевгелија со 8 вработени. Сите сили се насочени да се стави огнот под контрола.
На социјалните мрежи се шират фотографии за локацијата на пожарот кој во моментот е се’ уште активен, а пред високо издигнатиот чад се гледаат станбени објекти, викендици од Стар Дојран.


Дали противпожарните сили ќе го запрат огнот да не навлезе во грчка територија каде веќе грчките медиуми од регионот на Кукуш известуваат за актуелниот пожар, бидејќи чадот и пламените јазици се видливи и од грчка страна на границата.
Од УХМР најавуваат врнежи кои од север се движат кон југ. Во моментот активни се поројни врнежи во Кавадарци, облаците во Демир Капија истурија 11,4 литри дожд на 1 метар квадратен. Дали очекуваните облаци на пат кон југот ќе донесат дожд што ќе му пресуди на пожарот во Стар Дојран!?


















