Јован Јованов и Јане Јанкуловски, V-то одделенци од ООУ „Ристо Шуклев“ од Негорци освоија ДВЕ ПРВИ МЕСТА на републички натпревар по знаење од областа на електрониката и информатиката.
Јован Јованов учествуваше на Новогодишниот математички натпревар во организација на Сојузот на математичари на Македонија и освои најмногу поени и ПРВО МЕСТО на натпреварот што се одржа на 27 декември минатата година 2025, а наградата и признанието пристигнаа деновиве во ООУ „Ристо Шуклев“ во Негорци.
Јане Јанкуловски учествуваше на Третиот Државен натпревар по информатичко размислување во организација на Центарот за едукација „New Corner“ и овде ја освои највисоката награда – ПРВО МЕСТО и со тоа си обезбеди пласман за учество на Меѓународен натпревар.
Ментор на учениците прваци е наставничката Елизабета Јанева од ООУ „Ристо Шуклев“ Негорци. Таа за својата работа и резултатите на учениците за GevgelijaNet изјави:
– „Мои ученици редовно учествуваат на натпревари по различни предмети. Новогодишниот математички натпревар се одржува секоја година онлајн и е организиран од Сојуз на математичари на Македонија. Задачите се на ниво за 5 одд. Може да се пријави секој ученик што е мотивиран за решавање задачи“.

Ваквите натпревари се мотивација за учениците, вели Јанева и додава дека „Учеството на натпревари е поддржано од неа како наставник, училиштето и родителите на учениците“.

Знаењето на учениците продолжува да се надградува секој ден во текот на наставниот процес, а верификацијата на знаењето на натпревари не застануваат тука, продолжува преку ангажманот на посветената наставничка и ментор.
– Во моментот почнуваме подготовки за учество на Меѓународниот математички натпревар „Кенгур“ – ги најавува натпреварувачките планови Јанева.
Честитки за досега постигнатото и многу среќа во иднина!



















