Највисоката награда од литературата манифестација од поетот на работничката класа, големиот РАЦИН годинава ја понесе ученичка од Гевгелија, IX-то одделенката Ефимија Новаковска од ООУ „Владо Кантарџиев“
Во огромна конкуренција од пристигнати 1172 поетски дела на годинашниот 58-ми Меѓународен литературен фестивал „Детски рацинови средби“ во Велес највисоката награда ГРАНД ПРИ ја донесе во Гевгелија нашата вредна и поетсски вознесена по убавиот збор 14 годишната Ефимија Новаковска.
На меѓународниот конкурс на тема „Кога денот од стих се раѓа“ учествуваа 1.172 литературни творби – песни со стихови од исто толку млади автори основци и средношколци од Македонија, како и македонски ученици кои живеат во над 15 земји од соседството и светот: од поранешните југословенски републики, како и од Данска, Шведска, Германија, Швајцарија, Канада, Австрија, Австралија и уште многу други земји во светот каде има Македонци.
Скромната и тивка деветтооделенка Ефимија, но силна со своите големи стихови со инспирација од Рацин во песната „Кога денот од стих се раѓа“, како што и гласеше меѓународниот конкурс во изјавата за МИА рече дека е среќна, првпат учествува на меѓународнот конкурс и ја добива највисоката Гран при награда која го носи името на големиот поет Рацин, кој е нејзина инспирација.

– „Песната ја пишував околу две недели, а поддршка имав и од мојата професорка Елизабета Инадеска Ефремова. Пишувам од шесто одделение и имам напишано повеќе песни, член сум на Драмската секција во моето училиште. Освен за Рацин пишувам и за пријателството и други теми. Оваа моја висока награда ќе ме поттикне да напишам уште многу песни“, потенцира Ефимија со скромна насмевка и видна радост за освоената највисока награда.

Кај средношколците по литературниот конкурс специјална награда за посебно поетско остварување доби уште еден ученик од Гевгелија, Костадин Узунов од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија под менторство на Бисерка Макревска, а прва награда освои Клара Ѓуровска од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ од Скопје под менторство на Елена Неделковска.

………………………………………………………..
КОГА ДЕНОТ ОД СТИХ СЕ РАЃА
Синоќа сонив сон…
Во него, Коста, те видов тебе,
не беше ни стар ни млад.
„Oвде сум“ – рече – навратив, еве,
да видам дал нивјето роди,
ил е сè уште глад.
И газевме саде врз камења тешки,
ко некогаш одамна, од утро до мрак,
носејќи така врз болните плешки,
денови долги, без сонце, без зрак.
Но, погледот твој во истиот миг,
од далеку препозна некој светол лик,
А очите твои блеснаа од радост,
оти, тоа беше Ленка, од твојата младост.
Невестинската руба на нејзината снага,
ја објави новата судбина блага.
И за прв пат те видов спокоен и мил,
без гнев и без бол кон животот гнил,
Во твојата безнадеж засвети надеж,
за судбата клета, за пустата младеж.
Полека потем, за извесно време,
исчезна сето напластено бреме.
Со него заедно и тебе те снема,
Муграта бела со себе те зема.
Се разбудив збунета и не ми беше јасно,
– каде ли отиде?! – извикав гласно…
И сетив во очите светлосен зрак,
осамна денот во стиховен траг.
Ова е награденото дело на Ефимија кое ако го прочитате ќе ја осетите поетската инспирација на младата поетеса во намера да ги спои во песна Коста и неговата Ленка од „Тутунберачите“
Браво за Ефимија! Гевгелија се гордее на твојот успех!



















