На локација од новоизградениот градски парк во Гевгелија во населбата Караорман денеска се осветија темелите на новото светилиште во западниот дел од градот – Параклис посветен на „Свети Архистратиг Михаил и сите Небесни Сили“.
Со свечената церемонија на благословувањето на темелите чиноначалствуваше митрополитот Повардарски г.Агатангел во сослужение на митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф и свештениците од Гевгелиското архиерејско намесништво.
Претходно, утрово се отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Спас“ во Гевгелија.

Новиот Параклис треба да биде духовно светилиште на верниците од овој крај на градот за да бидат поблиску со верата, со Бога, со Спасението.
На чинот присуствуваа бројни граѓани како и претставници на локалната и централната власт, градоначалникот Сарамандов, министерот за култура Љутков, пратеничката Петкова, членови на Советот на Општина Гевгелија и бројно граѓанство.

За изградба на ова духовно обележје во Гевгелија Одлука донесе Советот на општина Гевгелија на јуни минатата година, согласно програмата за одбележување на значајни настани и истакнати личности од Гевгелија за периодот 2024-2029.
Параклисот, спомен обележјето на „Свети Архистратиг Михаил и сите Небесни Сили“ ќе биде донација од МПЦ – Охридска архиепископија Повардарска православна епархија Велес, стои во одлуката на општината.

Освен зеленилото, во новиот парк близу булевар „Гевгелија“ наскоро на посетителите ќе им прави друштво и ново спомен обележје – „Параклис посветен на Св.Архангел Михаил“.


Инаку, Параклис (грчки: Παρεκκλήσ, покрај црква[1]) – значи црквиче во кое не се служи литургија. Вообичаено параклисот е мал христијански храм, место за повремена богослужба, за приватно богослужение.
Ваков Параклис на Св. Архангел Михаил во Македонија има на влезот од селото Ропотово, општина Долнени.
Св. Архангел Михаил ќе ја чува Гевгелија и новиот урбан парк



















