Врнежливата недела која измина можеби за некого беше досадна, но за Дојранското езеро секако дека беше благородна и добредојдена.
Во текот на изминатата недела во Дојран и дојранско наврнаа 80 литри воден талог на 1 метар квадратен простор, вклучително и на површината од езерото, а во текот на ноември месец количините на врнежи изнесуваат 140 литри воден талог на 1 м2.
Тоа видно се одрази и на нивото на езерото, кое покажа пораст: Од 1 сантиметар над „нулта“ котата пред врнежите, Дојранското езеро во текот на дожливта недела се „покачи“ за +10 сантиметри над „0“ (нулта котата) до саботата.
Тоа е голем пораст за една недела. А, ова беше тек вториот есенски дожд сезонава. Во текот на годината се очекува хидролошката состојба да се подобри и поради пуштањето во употреба на пумпите од Хидросистемот „За спас на Дојранското езеро“ кај Ѓавото и преку цевководот во месноста „Топлец“ да се влева солидна количина вода од Ѓавото во Дојранското езеро.
Вака изгледа дотокот на вода од ХС кај Ѓавото во езерото кај месноста Топлец, Нов Дојран – водата шумоли и тече низ каналот, а Дојранско езеро се синее.
Езерото мирно се синее и денеска очекувајќи дека ќе го повиши нивото со нови сантиметри во текот на следните денови, месеци.




















