Малата писателка со големи соништа 12 годишната Драгана Рајкова деновиве ја издаде својата трета книга „ЈЕТИ ВО СОН“, воедно и прв детски роман напишан од посветената ученичка од Валандово.
Драгана е седмоодделенка во ООУ „Јосип Броз Тито“ во Валандово, а со пишување книжевни дела започна пред две години, на своја 10 годишна возраст кога ја издаде стихозбирката „Спомени од моето детство”. Следната година, на 11 годишна возраст Драгана ја издаде својата втора книга-стихозбирката „Ѕвездено небо” .
Во духот на празниците годинава таа ја пушти својата имагинација со снежниот човек Јети и го создаде своето ново книжевно дело, романот „Јети во сон“, испробувајќи се како автор на детски роман. Во романот „Јети во сон“ преку емоции и детска фантазија Драгана ги воведува своите детски читатели во снежен свет полн со добрина, другарство и соништа.

Оваа книга е издадена благодарение на Здружението „И ЈАС СУМ“ кои подржуваат талентирани деца своите соништа да им станат реалност. Ова беше голем сон на Драгана да напише книга со прекрасна и силна порака за сите деца, дека треба да веруваме во себе и да го слушаме и следиме своето срце.

Книгата веќе имаше една промоција во НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип, а сега ќе се претставува и пред своите валандовчани, на 26.12 (петок) во 17:00ч. во Домот на култура во Валандово, каде ќе биде изведена промоција на третото книжевно дело на Драгана преку читање, разговарор и дружба со малата читателска публика.

Драгана, иако само седмоодделенка, зад себе има веќе три издадени книги и бројни освоени награди и признанија. Со својата посветеност, талент и љубов кон пишаниот збор таа е вистинска инспирација за своите врсници и гордост за сите нас.


















