Традиција на радост, сплотеност, семејна зближеност, тоа претставува празникот на раѓањето Христово, а предвесник на таа убава вест денес беше Бадниковата поворка која се одржа претпладнето во Гевгелија.
Прекрасни дечиња – ангелчиња ни го најавија Раѓањето Христово, носејќи ги Давидовите ѕвезди и макета од Витлеемката пештера каде се родил Христос низ центарот на Гевгелија.
Голем број на верници ја проследија процесијата, голем број дечиња кои помагаа во подготовката на бадниковите ѕвезди учествуваа во процесијата, ја споделија на цел глас радосната вест меѓу граѓаните за Христовото раѓање.

Потоа поворката се врати во кругот на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Гевгелија и овде беа поделени 240 хуманитарни пакети на семејства од социјален ризик со цел и тие на семејна трпеза да ја доживеат и пречекат бадниковата традиција богато и благословено.

– „Овие вреќи не се само намирници. Тие се знак на внимание, грижа и единство, порака дека постојат луѓе кои мислат едни на други и кои веруваат во доброто. Со нетрпение го очекуваме Божиќ и моментите кога насмевките ќе дадат вистинско значење на сè што е направено. Божиќ нè потсетува дека не се потребни големи работи за да се донесе голема радост. Ви благодариме што бевте дел од оваа приказна. ХРИСТОС СЕ РОДИ! – истакнуваат од Гевгелиското Архиерејско Намесништво.

Фото: ГАН – Д.Миов



















