Вистинска спортска еуфорија и спортски триумф на 50 годишнината од своето формирање за РК „Младост“ од Богданци. Денеска со победата во бараж натпреварот за влез во Супер ракометната лига на РФМ со победата над Струга со 25:22 РК „Младост“ влегува во друштвото на најдобрите ракометни клубови во Македонија.
Тимот на Младост Богданци е последниот член на Супер машката лига за наредната сезона, откако во бараж мечот ја совлада Струга со 25-22. Победникот беше решен во последните петнаесетина минути кога „Младост“ предводен од голманот Илиќ, кој запиша дури 18 интервенции, успеа да ја направи клучната серија и до крајот не дозволи камбек на Струга.
Стружани при крајот паднаа во ритамот, Младост Богданци знаеше како да ги казни сите грешки, потоа црвен картон поради три исклучувања доби Симоноски, па ротацијата на Струга уште повеќе се намали и на десетина минути до крајот беше 22-16.

Потоа богданчани знаеја како да ја одржат предноста и рутински одработија до крајот за камбек во елитната конкуренција по три сезони. Струга проба со пресинг во финишот, успеа да намали дел од негативата, но немаше време за нешто повеќе.
Најдобри стрелци во победничката екипа беа Андоновски со шест гола, како и Диас и Димитров со по пет погодоци, a играч на натпреварот беше голманот Илиќ кој имаше дури 18 одбрани.
Кај Струга, Тутенкоски одбрани 11 удари, а предводници во нападот беа Костов и Мечкароски со по пет гола.

Сега листата на учесници во Супер машката лига за наредната сезона е комплетирана – Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид, Бутел Скопје, Прилеп, Пролет, Куманово, Младост Богданци, Тиквеш, Еурофарм Пелистер 2 и двата тима од Автокоманда.
Тренерот на „Младост“ Горан Андоновски по триумфот 25-22 во баражот за влез во елитата изјави за 24ракомет:
-„Кога дојдов ветив дека Младост ќе влезе во Супер лига, и го исполнив“.
Тој најави дека „Младост“ ќе биде вистинско освежување во Супер лигата.




















