После речиси 45 години од изградбата, конечно Хроничното одделение при ЈЗУ „Психијатриска болница Негорци“, Гевгелија доживува своја реконструкција со инвестициски влог на болницата тежок 15.500.000 денари.
Проектот за реконструксција е стар 5-6 години, од проектна желба во 2018 до проектен план во Програмата за работа на болницата во 2019 година. Истиот го потпишаа три директори, но налетот на корона епидемијата во светот и кај нас налагаа големи средства за дезинфекција, хигиена и заштита на пациентите, па средствата неколку години се пренаменуваа за борба против короната и епидемиолошка, санитетска и здравствена заштита на објектот, пациентите и болничкиот персонал.
Годинава, новата болничка управа под раководство на директорот Сашко Стојиловски конечно започнуваа со реализација на проектот за целосна реконструкција на хроничното одделение кое во моментот згрижува 48 најтешки пациенти во установта.

Со проектот се планира целосна реконструкција на внатрешноста на објектот, со внатрешна, надворешна, кровна, столарска и инсталациона инфраструктура, поставување на сончеви панели за топла вода и уредување на дворот со покриено место за одмор и дружба на пациентите со клупи и настрешница.

Објектот треба да биде готов за 60 дена и ќе претставува модерно решение за тамошните пациенти, кои во овие 45 години од постоењето на одделението користеа простор деградиран со годините и од самата состојба на пациентите, што во современото болничко лекување претставуваа субстандардни услови за престој.
Повеќе од изјавата на директорот на установата, Сашко Стојиловски.
Хроничното одделение се наоѓа во кругот на Психијатриската болница Негорци опкружен со голем парк кој редовно се одржува, со многу зелено опкружување, како од дрвјата во паркот, така и од зелениот спокој кој го пружа близината на подкожуфското зеленило во атарот на с.Негорци.

ЈЗУ „Психијатриска болница Негорци” – Гевгелија е специјализирана болница која обезбедува третман со специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита на сите заболувања кои по МКБ – 10 се сместени во групата на душевни растројства.
Оваа болничка установа во Гевгелија постои веќе 53 години и нуди најсовремена грижа за пациентите од областа на психијатријата, каде условите за престој и лекарска нега се еден од факторите за успешен третман и посакуваниот успех – пациенти кои здрави заминуваат дома.



















