Пепика Дебникова ученичка од Гевгелија победи во дисциплината атлетика на „Плазма спортските игри за млади“ одржани на државно ниво.
Таа настапи на траса од 60 метри и во трката ги надмина сите, пристигнувајќи прва на Целта, со што го освои победничкиот подиум и медал за освоеното ПРВО место.
Пепика е ученичка од ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија, има 9 години и заврши трето одделение. Со спорт се занимава во рамките на училишните активности, но со атлетика е посветен ученик во „Школата за атлетика“ при АК „7 Ноември“ Гевгелија, под чии бои оваа сезона освои неколку подиуми во земјата и странство, од кои и први места.
Во моментот Пепика е најмладата атлетска победничка од Гевгелија, но исто така е и ДРЖАВЕН ПРВАК во атлетика на траса од 60 метри.

Честитки Пепика! Продолжи да победуваш!

„Плазма – Спортските игри за млади“ годинава првпат се одржуваат во Македонија, откако на иницијатива на Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски, нашата земја стана дел од оваа најголема спортска младинска манифестација во Европа што се одржува под покровителство на Европската комисија, Меѓународниот олимписки комитет и други високи институции.
„Плазма спортските игри за млади“ се одржаа вчера, недела во салата „Расадник“ во Кисела Вода. Овие игри претставуваа завршно Државно првенство на кое 600 млади спортисти од четири региони, се бореа за место на големото меѓународно финале на „Плазма спортските игри за млади“ што ќе се одржи Сплит од 17 до 22 август.
Натпреварите се одвиваат во десет дисциплини: Coca-Cola Cup 2011, мал фудбал (2015), баскет 3х3, ракомет, одбојка, одбојка на песок, народна топка, тенис, шах, пинг-понг и атлетика.
Пепика од Гевгелија е Државен првак во атлетика и ќе ги брани боите на Македонија на „Плазма – Спортските игри за млади“ што ќе се одржат во Сплит, годинава. На игрите ќе учествуваат покрај Македонија и Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Србија.
СРЕЌНО Пепика!



















