Во светот на секои 10 новородени деца, едно се раѓа предвреме, насекаде, па и кај нас во Македонија
Секоја година, околу 13,4 милиони бебиња ширум светот се раѓаат предвреме – едно од десет новороденчиња. Во Европа бројката достигнува половина милион, а во Македонија околу 3.000, што значи осум бебиња дневно ја започнуваат својата животна битка многу порано од времето.
За предвремено родените деца, сѐ е предизвик, хранењето е предизвик, секоја инфекција закана, секој грам добиена тежина – победа.
СЗО востанови меѓународен ден за овие мали силни борци, 17 ноември, Ден на предвремено родените деца. Во Гевгелија денеска традиционално по трет пат мајките и предвреме родените деца го одбележаа денот посветен на нивната борба за живот, раст, развој. Во општина Гевгелија има околу 30 дечиња предвреме родени, кои денес се здрави, среќни и насмеани.
Од нивната заедничка дружба денеска, мајките и децата упатија ПОРАКА за поддршка до сите мајки на предвреме родените деца која гласи:
- „Во светот на предвремено родените деца, ниту една мајка не чекори сама. Секоја од нас која поминала низ тој ист трепет меѓу страв и надеж знае колку силно срцето умее да чука за едно мало, храбро бебе.
- Тука сме – една за друга. За рака да се фатиме кога стравот станува голем, за збор да дадеме кога надежта се крши, за прегратка кога силите попуштаат.
Постарите генерации мајки, тие што веќе ја поминале оваа патека, се тука за да ги водат новите мајки кои првпат се соочуваат со овој предизвик. Со искуство, со совет, со тивка поддршка што вели: „Ќе биде добро. Ти можеш. И твоето бебе може.“ - Ова е нашата мала заедница на големи срца – место каде силата се дели, а надежта расте. Заедно сме посилни, секогаш“ – порачуваат мајќите на предвреме родените бебиња од Гевгелија давајќи рака на поддршка и збор на утеха, до победа на малите силни борци за живот.

Медицински чуда што го менуваат светот
Неколку случаи го покажуваат неверојатниот потенцијал на современата неонатална медицина:
„Saybie“ – најмалото преживеано бебе во светот (САД):
родена со 245 грама на 23 недели и 3 дена.
Јапонија – 289 грама, 23 недели:
детето не само што преживеало, туку денес има 20 години.
Неш Кин – најпрематурното преживеано бебе по гестациска возраст:
роден на 21 недела, тежок 285 грама.
Македонија – едно од најмалите преживеани бебиња:
родено со само 600 грама во 24-та недела.
Овие бебиња се доказ дека науката, технологијата и човечкиот ангажман спасуваат животи кои пред само две децении ќе беа незамисливи.

17 ноември не е само симболичен датум. Тоа е потсетник дека:
* Секое бебе заслужува шанса.
* Секоја мајка заслужува поддршка.
* Секоја држава има обврска да инвестира во најмалите.
Предвременото раѓање е глобален здравствен предизвик, но решенијата се реални – преку здружени напори, современа здравствена политика, едукација и човечка грижа.
Тие се најмалите, но и најголемите борци меѓу нас.



















