Грчките земјоделци 48 часа ги блокираат со земјоделска механизација граничните премини Богородица и Меџитлија. Од 10 часот по македонско време затворен е граничниот премин Меџитлија, а од 11 часот и преминот Богородица.
Два дена ќе се блокира целата национална патна мрежа, локалните патишта, автопатите, и граничните премини.
Блокади нема на граничниот премин Дојран.
Грчката Влада соопшти дека од 27 барања на земјоделците, седум не може да се исполнат.

Вакви блокади имаше во текот на месец декември, но преговорите на Владата со земјоделците не вродија со плод. Со тоа, грчките земјоделци ја радикализираат својата борба, а тоа ќе предизвика целосен сообраќаен колапс на граничните премини кон Македонија во наредните 48 часа. Патниците и транспортерите треба да бидат исклучително внимателни и да ги избегнуваат главните премини.
Освен кон Македонија, затворени ќе бидат и премините кон Бугарија, како и преминот Какавија кон Албанија. Во внатрешноста на Грција, ќе биде невозможно да се патува од Солун до Атина поради блокади на автопатот, но и на споредните патишта.




















