Традиционално како старите предци од дамнина, годинава жителите на с.Ново Конско гевгелиско, самоорганизирано ги спремија Сурварските огнови во знак на дочек на Стара Нова Година според јулијанскиот календар.
Се запали голем оган пред селото, се запалија и скарите, се подгреа чај и топла ракија, се печеше месо и традиционалниот мезелак домашните колбаси. Сите граѓани на Ново Конско беа поканети на дружбата во знак на светол, среќен, заеднички почеток на Старата Нова Година, која истекува вечерва на полноќ, а од утре според стариот јулијански календар, на 14 јануари треба да започне Новата година.

Да е за арно, да е за убаво!
Некогаш се посакувало на овој ден шталите да бидат полни со стока и живина, а домот полн со дечиња, да царува мир, љубов и благодет во сечиј дом.
Желбите се убави, ги споделуваат жителите на Ново Конско и денеска меѓу себе: да им се полни авлиите, да им е полно домаќинството со мир, слога и бериќет, да им се радуваат на децата и внуците и на секој нов успех кој со радост ќе го градат и споделуваат на семејни веселби во новиот среќен период кој доаѓа.

Горничетлии, жителите на потпланинското село Ново Конско прикажуваат убав пример на соживот, заедништво, хармонија и напредок на заедницата во која го делат денот, патот до дома, убавото изгрејсонце на Кожуф и убавите спомени.
Сурава, суравица, …. да Ви е родна годината домаќини, да се дружите до века заедно и сложно!






















