Гевгелија денеска изгуби еден еснаф, еден градски човек, угостител кој ги испраќаше дома нагостени сите посетители на кафана „Вкусно уф Мешката“, сите гости и случајни намерници во Гевгелија.
Газда Петар (Перо) Мешков, познат под прекарот Мешката се одјави од овој свет денеска, на 71 годишна возраст.
Роден е 1955 година во Гевгелија, овде заврши училиште, овде стана стопанственик-угостител, овде основаше семејство и стекна бројни пријатели и задоволни гости кои не забораваа пак да навратат на вкусна скара и мезе со музика кај „Мешката“.
Беше угостител со децении, наследувајќи го меракот за угостителството и задоволните муштерии уште кога помагаше на својот татко, во кафана „Мешката“ која датира од 1968 година. Тогаш тинејџерот Перо имал само 13 години, но доволно љубопитен за да помогне и да учи како се станува газда-еснаф.

Беше сакан сопруг, грижлив татко, посветен пријател кој чуваше пријателства со децении, беше човек од чаршијата, кој остави траги од чаршијскиот и боемски живот во центарот на Гевгелија.

Со газда Перо ќе можат да се простат и упатат последен поздрав и гевгеличани, и пријателите, и бројното семејство утре 22 јануари во Градската капела за Гевгелија, каде неговиот одар ќе биде изложен од 11:00 часот.
Погребот е закажан утре, четврток, на 22.01.2026 во 12 часот!
Почивај во мир🙏




















