Надојдените води на Вардар на ден Водици беа речиси ризични за две млади момчиња кои запливаа по чесниот крст на Богојавленската церемонија на мостот на реката Вардар. Последното момче кое остана во водата се заплетка во кабелот кој го држеше чамецот за спасување во состојба на мирување за да ги дочека пливачите и да им помогне.
– „Најголемиот херој на Водици. Волонтерот од Црвен Крст кој без размислување заплива кон момчето кое беше заглавено на јажето со главата под вода.
Неговата брза реакција во студените и надојдени води, тоа што навремено доплива до момчето и клучниот момент што го отплетка од јажето беа вистинско херојство. Споделете да се знае кој е херојот и секако да се награди со орден“, објави Игор Јакимовски, кој беше дел од спасувачкиот тим на Вардар на церемонијата во Скопје.
Читателската публика го откри името на херојот, тоа е Даниел Раевски, волонтер на Црвениот крст. Ова беа моментите на брзата реакција во ладните и бирзи води на Вардар:
За случајот информираше и МВР:
– „На 19.01.2026 околу 12:30 часот на кеј на реката Вардар во Скопје, при одржување на верска манифестација по повод празникот Водици, П.А.(20) од с.Визбегово, скопско и Х.П.(27) од с.Сопиште, скопско, кои учествувале на манифестацијата и влегле во водата, почнале да се дават, по што од нуркачки тимови биле извадени надвор од водата и со возила на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје“.
Последниот пливач ризично заплеткан во кабелот беше извлечен со херојската акција на Даниел Раевски, волонтер на Црвениот крст.






















