Скијачката федерација на Македонија со огромна гордост објавува дека Зоран Јовановски ќе биде ПРВИОТ македонски параолимпиец кој ќе настапи на Зимска параолимпијада – Зимските параолимписки игри Милано-Кортина 2026!
Ова е историски чекор за скијачките спортови во Македонија и доказ дека со визија, системска работа и посветен тим можеме да поместуваме граници и да создадеме нови страници во спортската историја.
Зоран преживеал пукање со пиштол од кој куршумот завршил во неговиот р’бетен столб. Користи количка како помошно средство, но тоа не го ограничува да спортува, да учествува на маратон трки, да скија.
Ова не е филмска приказна. Ова е животот на струмичанецот Зоран Јовановски.
Денес, истиот тој човек испишува историја – ќе биде првиот македонски параолимпиец на Milano-Cortina 2026 (6–15 март).
Зоран за својот хендикеп вели: – „Бев војска. Дојдов дома на отпуст и отидов во кафана. Пукаше… рикушет… и куршумот заврши кај мене во кичма. 49 дена лежев во Воена болница. Видов дека животот мора да продолжи…“ Така Зоран научил дека „Количката не е препрека, туку дел од патот.“
Погледнете ја неговата силна и инспиративна приказна, снимена од Радио СтрумицаНет. Да го бодриме заедно!
МОК искажува искрена благодарност до целиот стручен тим:
– Тренерите Јане Стефанов и Петар Илев за професионалноста, посветеноста и вербата
– Вангел Тркаљанов кој го донесе параскијањето во државата и организираше над 20 ски кампови
– Целиот организациски тим и сите кои придонесоа овој успех да стане реалност
Како федерација остануваме цврсто посветени на развојот на скијачките спортови, создавање еднакви можности и градење систем што ќе овозможи нови генерации спортисти да стигнат до најголемите светски сцени.




















