– „Тешко е секој 8ми март да броиме нови жртви, не е време за славење“, порача Председателката Сиљановска Давкова и одби да го слави празникот во ситуација кога, како што рече, заради нефункционалност на системот загубивме мајка и дете, а Македонија се соочува со серија на случаи на фемицид. Наместо вообичаена честитка за 8 Март претседателката одржа жесток и критички говор на свечената седница на Парламентот на која требаше традиционално да се одбележи празникот на жената.
- „Шокира фактот дека во 2025 година имаме 4.745 пријави за семејно насилство и 6 случаи на убиство, а за два месеца во 2026 веќе 4 случаи на фемицид. Не цитирам статистика, туку пораз на институционалната превенција, на навремената, односно неневремената акција. Да потсетам, зад бројките се кријат животни приказни, семејни трагедии, неостварени соништа и животи“ – подвлече претседателката на државата Гордана Сиљновска-Давкова.
Претседателката подвлече дека не може да го слави празникот на жената во ситуација кога заради нефункционалност на системот ги загубивме Ивана и Катја, а Македонија се соочува со серија на случаи на фемицид.
Еве што порачаа и останатите говорници на денешната свечената седница во Собранието:
– „Жените во земји во војна се побезбедни отколку во овој македонски систем што не постапува“, констатираше на собраниската седница, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска.
– „Животот на жените не смее да зависи од административна проценка или одложена постапка. Институциите постојат за да штитат, не за да молчат“, нагласи пратеничката Моника Зајкова од собраниската говорница.
– „Жените треба да продолжат да го креваат својот глас, а мажите да бидат едуцирани дека не се супериорни“, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешната собраниска седница. Според него, овој проблем мора да се третира и да се решава во семејството, во училиштето, во јазикот што го користиме, но и во начинот на кој ги воспитуваме нашите деца.




















