Во организација на „Мистик“ студио, на 14 март 2026 година (сабота) во Гевгелија ќе се одржи третото издание на танцовиот натпревар „Гевгелија Денс Фест“. Настанот ќе се реализира во Спортска сала „26 Април“ со почеток во 10:00 часот, а се очекува програмата да трае до 18:00 часот.
– „Овогодинешното издание бележи значително зголемување на интересот, со вкупно 630 учесници кои ќе настапат во различни танцови категории и возрасни групи. Натпреварот има и меѓународен карактер, со учество на танчери и судии од Северна Македонија и Србија. „Гевгелија Денс Фест“ има за цел да го поттикне развојот на танцовата уметност, да им овозможи на младите танчери простор за изразување и натпреварување, како и да придонесе за збогатување на културниот живот во градот“ – вели Александар Аврамов, раководител на танцовото студио „Мистик“ кое е организатор на Фестивалот..
Настанот е поддржан од Општина Гевгелија преку програмата за култура за 2026 година, со што локалната самоуправа дава придонес во развојот на културните и младинските настани во градот.
За посетителите ќе бидат достапни билети по цена од 200 денари за целодневен влез, кои ќе се продаваат на влезот за време на настанот. Влезот е бесплатен за деца до 8 години.
Организаторите ги покануваат љубителите на танцот и граѓаните да бидат дел од овој целодневен настан и да ги поддржат младите таленти кои ќе настапат на сцената во Гевгелија.





















