Димитар и Бојан Јаневи од Гевгелија денеска заминуваат со членовите на Македонската футсал репрезентација за Литванија каде од 9 до 12 април ќе се натпреваруваат во првиот круг на квалификации за Светско првенство.
Гевгелиските футсал репрезентативци ја добија довербата од селекторот Газменд Хисејини да настапат во националниот тим поради нивната забележителна игра како футсал играчи во „КМФ Проект“ каде настапуваат веќе 4 години. Со својот тим две години по ред се прваци и освојувачи на победничкиот трофеј на престижниот турнир „Сокол“.

Димитар има 24 години и работи како наставник по спорт и физичко образование во ООУ „Климент Охридски“ во с.Миравци, гевгелиско.
Бојан е помладиот, има 22 години и е студент на Американ колеџ, студии по информатика, завршна година.
Двајцата биле од почеток посветени на фудбалот и настапувале за ФК „Кожуф“ Гевгелија, но политиката на клубот за ангажирање на играчи од страна ги однесе кон футсалот каде се посветија максимално и, еве ги резултатите, веќе се членови на Македонскиот национален тим во футсал со настап за квалификации на СП.

Димитар и Бојан неделава се јавија на прозивката на селекторот и одиграа два тренинга во Скопје пред заминувањето за Литванија.
Покрај домаќинот противници на Македонскиот тим ќе бидат Турција и Бугарија. Македонија има статус на фаворит во дуелите со Турција и Бугарија, ама тоа мора да се докаже на теренот. Литванија ќе биде посериозен предизвик со фактот што оваа репрезентација беше дел од последното Европско првенство што доволно зборува за сериозноста на конкурентот да се најде на листата патници за Мундијалот.
Прв противник на 9 април ни’ е Бугарија, следниот ден играат со Турција, а на12 април со домаќинот Литванија. Селекторот очекува две победи и самоуверен налет кон третиот конкурент Литванија.
Освојувачите на првите две места во групата се пласираат во Главната рунда за настап на Светскиот Шампионат.
СРЕЌНО момци!




















