Четворицата астронаути од екипажот на „Артемис 2“ синоќа слетаа во водите на Тихиот Океан откако успешно ја завршија својата мисија со лет околу Месечината
Крајната цел на програмата „Артемис“ е долгорочно човечко присуство на Месечината, што треба да послужи како појдовна точка за идно истражување на планетата Марс.
Екипажот на мисијата „Артемис 2“ на НАСА успешно се врати дома слетувајќи во Тихиот Океан покрај брегот на Сан Диего, Калифорнија, синоќа во 2:07 часот по средноевропско време.
По околу час и половина од слетувањето во морските води, сите четворица астронаути – Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен, беа извлечени од капсулата и прво префрлени на брод на американската морнарица, а подоцна и на копно, официјално означувајќи ја мисијата „Артемис 2“ како целосен успех.

Четворицата астронаути кои станаа првите лунарни истражувачи во 21 век се вратија на Земјата, спуштајќи се во Тихиот Океан по историско, рекордно патување од 700.237 милји. Тие исто така станаа првите астронаути што летаа во близина на Месечината по програмата „Аполо“ во 1960-тите и 1970-тите.
Нуркачи од морнарицата, чамци и хеликоптери се приближија кон вселенската капсула Орион, во која беа Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен, откако таа се нурна низ атмосферата со брзина од 24.664 милји на час.

Веднаш по пристигнувањето тие беа прегледани од лекари на американскиот воен брод, по што со хеликоптер беа пренесени на копно, а потоа и во Вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон.

Престојот во вселената е физички напорен, без гравитација се намалуваат мускулната и коскената маса, особено кај мускулите што го одржуваат држењето на телото. И покрај строгите вежби, овој процес не може целосно да се спречи, па за само две недели мускулната маса може да се намали и до 20 проценти.



















