Православните верници денес го слават празникот посветен на Преображение Господово, кое се случило на планината Тавор, кога Господ се појавил во сета Негова слава пред апостолите Петар, Јаков и Јован.
Во православието овој празник се вбројува меѓу 12-те големи Христови празници и е посветен на споменот на настанот на Христовото преображение на гората Тавор во Светата Земја (Израел), кога тој ги објави своите последователни страдања и слава.
Според преданието, за да не ослабе верата на апостолите со неговото страдање и смрт кои претстоеле и за неговите ученици да не отпаднат од него, Господ Исус Христос сакал да им покаже барем дел од својата божествена слава. Затоа ги зел со себе Петар, Јаков и Јован и излегол со нив ноќе на гората Тавор и таму се преобразил пред нив.
Во слава на овој настан денеска во Гевгелиските црковни храмови се одржаа Утринска Богослужба, Света литургија и Благословување на гроздовите плодови, а во предвечерието на Преображение беше одржана вечерна Богослужба и послужено манастирско посно гравче за верниците и посетителите на црковните празнични настани.

Преображението секогаш паѓа за време на постот Богородица. Затоа празничната трпеза е збогатена со вино и риба. Денеска на крајот од светата литургија се осветува грозје. Се дели и на гробиштата за упокојување на душите на починатите.

Преображение Господово е еден од оние осум големи Христови празници, кога, според народното предание, во зора почнуваат да се преобразуваат и гора и вода, најавувајќи ја идната есен.

Според народното верување тогаш за прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

Овој празник секогаш паѓа во време на Богородичниот пост. Затоа празничната трпеза е збогатена со вино и риба. На крај на светата литургија се осветува и грозје.
Во народот постои верување дека на овој празник целата природа се преобразува, дека од денеска ноќите стануваат поладни како и дека од овој ден почнува да се најавува скорешното доаѓање на есента.
Како што се верува, на денешен ден никако не треба да се бањаме во отворени води, реки и мориња. На Преображение никако не е добро да се спие преку ден, бидејќи кој отспие преку ден, цела година ќе биде дремлив.
Не е добро ни да се плаче, ниту пак цел ден да се помине во кафеана, како не би станале расипници. Но она што е задолжително е на овој ден да пробате грозје!
На сите што го слават овој ден им посакуваме се најубаво!



















