Црковниот храм во подпланинското село Габрово во Гевгелско, „Свети Атанасиј Велики“ пред еден месец беше прогласена за значајно културно богатство на општина Гевгелија за да денеска доживее посета од министерот за култура, и да доживее почеток на конзервација и реставрација на објектот со заложба на Министерството за култура, како надлежно тело за овој културен споменик изграден од пред два века во нашата општина.
Иницијативата за конзервација на фрескоживописот и реставрација на објектот изграден во далечната 1851 година произлезе од жителите на Габрово, беше прифатена и благословена од Митрополитот Повардарски г. Агатангел, поддржана од Министерството за култура и туризам, а со донесена одлука од Советот на Општина Гевгелија истата започна со реализација.

Градител на овој храм е познатиот Андон Китанов (претставник на Дебарската школа градители), а фрескоживопис е дело на Димитар Андонов-Папрадишки, последниот македонски зограф, а воедно и првиот македонски профан (нерелигиозен) сликар кој ги поставил темелите на западното сликарство во земјата.

Во моментот заедно со посетителите од Министерството, општина Гевгелија, од Гевгелиското архиерејско намесништво на терен во с.Габрово и во посета на црквата беа стручни лица од Заводот за заштита на споменици на културата Струмица.

Во моментот се работи техничката документација за конзервација и архитектонска реставрација на црквата, по чие завршување ќе започне и неговата реализација.



Со реализацијата на проектот, покрај зачувувањето на културното наследство, Гевгелија добива уште една значајна локација за туристичка промоција, селото Габрово и црковниот објект со фрескоживопис од последниот македонски зограф, Папрадишки.
Црквата „Св. Атанасиј“ во Габрово прогласена за значајно културно богатство



















