Црквата „Свети Атанасиј“ во село Габрово, гевгелиско потекнува од 19 век и претставува сакрално добро со значајни историски, културни и духовни вредности кое има посебно значење за културниот идентитет на локалната заедница и поширокиот регион.
Изградена е во 1851 година што може да се види од записот на еден камен блок над крстот на западната фасада, што всушност претставува дел од првобитната црква. Градител на овој храм е познатиот Андон Китанов (претставник на Дебарската школа градители), а фрескоживопис е дело на Димитар Андонов-Папрадишки. Д.А.Папрадишки е последниот македонски зограф, а воедно и првиот македонски профан (нерелигиозен) сликар кој ги поставил темелите на западното сликарство во земјата.
Овие факти биле мотивација за дејствување на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица кој побара објектот да биде под надлежност на Управата за заштита на културното наследство која што дејствува како орган на Министерството за култура.
Со цел сеопфатна и стучна заштита на ова културно и духовно богатство во нашата општина, Советот на општина Гевгелија на последноодржаната 7 седница, минатата недела, донесе Одлука за прогласување на црквата „Свети Атанасиј“ во с.Габрово за значајно културно богатство кое ќе биде под надлежност на заштита на Министерството за култура на Македонија.


Инаку, во општина Гевгелија до сега постојат заведени 20 објекти како културно наследство на Македонија, а се наоѓаат на подрачјето на општина Гевгелија, од кои 14 се градби во градот Гевгелија, 2 во с.Смоквица, 2 во с.Прдејци и по една во с.Милетково и с.Конско.



















