Вчера, четврток, 16.04.2026 во утринските часови беше примен повик во ТППЕ Гевгелија за избувнат пожар во стан од зграда на улица „Булевар“ Гевгелија.
Пожарот е пријавен од совесни граѓани кои упатиле повик за интервенција на ТППЕ Гевгелија во 07:40 часот, забележувајќи ја огнената активност уште додека била во зародиш.
На терен се упатиле две противпожарни возила со 6 (шест) пожарникари. По пристигнувањето на локацијата пристапиле кон гаснење со против пожарни апарати и воден млаз со цел целосно да се санира огнената закана.
Опожарена е вратата кон терасата од стан бр.1/10 на ул. „Булевар“ Гевгелија.
Акцијата на пожарникарите завршила во 08:30 часот кога веќе се вратиле во својата базна станица.
За време на интервенцијата немаше паника, соседите беа совесни и соработливи со пожарникарите. Изгорела вратата од терасата, зачадена е терасата и просторијата кон која водела вратата, пукнал прозорот, оштетен е подот. Случајот завршил без поголема материјална штета и без закани по живот на станарите, благодарение на брзата интервенција на тимот на ТППЕ Гевгелија.

Заради тоа од гевгелиската ТППЕ препорачуваат на соработка и солидарност со граѓаните – Во случај на пожар или друга непогода брзо да се јават на ☎️ телефонскиот број за Противпожарна интервенција 193 или на интернационалниот број за помош 112.



















