По долг период борба Петар од Охрид има само уште еден чекор за да застане на нозе. Голем медицински чекор кој му носи животна шанса да се справи со своите деформитети и самостојно да оди.
Закажана е нова операција во Турција која заедно со третманот за рехабилитација чини 40.000 евра. Терминот за операција е за еденипол месец, а собрани се само 866 евра од 19 донатори. Неговата мајка Гордана Попоска, самохрана мајка моли за помош за надеж и нов живот на своите нозе за нејзиниот единец Петар. Затоа се обраќа уште еднаш до добрите и хумани луѓе:
- „Денес повторно ви се обраќам со надеж. Поради неговата дијагноза, дефицит на тирозин хидроксилаза, кај Петар се развија сериозни деформитети на нозете и ‘рбетот, проследени со постојани болки. За жал, неговата состојба не може да се подобри без дополнителни медицински интервенции.
Потребна е уште една операција на другата нога, која ќе се изврши во Истанбул, по што следува интензивна физикална терапија и роботска рехабилитација. Овие третмани се неопходни за да се намали болката и да му се овозможи реална шанса повторно да застане на нозе. Вкупната сума за овој дел од лекувањето изнесува 40.000 евра.
Како самохрана мајка, не сум во можност сама да ги обезбедам овие средства. Затоа, ве молам, доколку сте во можност, помогнете. Секоја донација, без разлика на износот, значи чекор поблиску Петар повторно да стои на свои нозе. Ви благодарам од срце за вашата поддршка“ – напиша на социјалните мрежи нескршливата мајка Гордана.
Можете да Донирате на :
Трансакциска сметка 270-7000821760-21 Gordana Poposka HALKBANK
https://pavelandreev.org/mk/campaign/pomosh-za-petar?
Телефони за донација:
T-мобајл: 143 -161
A1: 143-479
- „Петар боледува од ретка болест која нашите болници не можат да ја третираат. Досегашните операции направија чуда, му го вратија сјајот во очите, но без оваа завршна интервенција, сè што постигнавме е под знак прашалник. Болката не чека, а времето не е на наша страна“ – вели мајката Гордана.
- „Секој денар, секое споделување е молитва плус за мојот прекрасен Петар.
Ве молам, бидете неговиот ветер во грб и овој последен пат. Со Господ напред и со вашата неизмерна добрина, верувам дека наскоро ќе се радуваме на неговиот прв чекор без болка“ – вели во молбите до хуманите луѓе мајката на Петар.




















