На Првата атлетска празнична трка „ПроМили“ што се одржа вчера на Денот на Светите Кирил и Методиј и Денот на македонската и сесловенска писменост во Неготино, беа предвидени две дисциплини, трка на 5 и трка на 10 километри.
На долгата траса од 10 километри, во конкуренција од 105 пријавени атлетичари настапија и 10 (десет) атлетичари од гевгелискиот Атлетски клуб „7 Ноември“.
Најдобро време од гевгелиските атлетичари оствари Тоше Анчев со време од 00:40:22 min и пласман на 6-то место.
Но, најдобро време во категорија и освоен подиум оствари Дарко Прошевски кој патеката ја истрча за време од 00:43:55 min, со што освои 10-то место во севкупна конкуренција, но ПРВО место во категорија 50+.
Со тоа Дарко се стекна со Диплома и Пехар од организаторите за освоениот подиум за највисокиот генерациски пласман меѓу атлетичарите на 10 км, на првата трка „ProMile race“ во Неготино.

Дарко е долгогодишен атлетичар од Гевгелија, член на организациониот тим на „November Run“- најмасовен спортски настан во Гевгелија во организација на АК „7 Ноември“ и организационен секретар на Гевгелискиот атлетски клуб. Со сите работни, организациони и спортски обврски успева многу ретко да му промакне некој спортски предизвик на долги патеки, да не ги пропушта спортските предизвици што ги носат трките и натпреварувањата. За неговата кондициона спремност зборува и фактот што на вчерашната трка во Неготино тој беше за 2 мин и 3 сек побрз од второпласираниот во категорија мажи 50+ на трка од 10 километри.
Победник Зоран Тошев од Струмица со време 00:35:42, роден 1991 год. за 7 минути беше побрз од Дарко, но и за 15 години помлад од него.
Останатите учесници од АК „7 Ноември“ ги остварија следниве резултати во генерален пласман:
6-то место – Тоше Анчев – (1996) – време 00:40:22 min
21-во место – Костадин Симов – (1989) – време 00:48:57 min
31-во место – Коста Ризов – (1985) – време 00:51:27 min
38-мо место – Андон Петков – (2000) – време 00:53:17 min
63-то место – Ѓорге Аџигогов – (2006) – време 00:59:50
59-то место – Васко Стамков – (1997) – време 00:58:29
65-то место – Драган Ристов – (1992) – време 01:00:09
68-то место – Ристо Раданлиев – (1996) -време 01:02:44
79-то место – Ангел Делиќ – (1988) – време 01:08:25
Честитки за остварувањата на сите атлетичари, посебно за гевгелискиот освојувач на победничкиот Подиум 50+!




















