Доброволното противпожарно друштво- Гевгелија, во соработка со Противпожарниот сојуз- Скопје вчера одржаа обука за средношколците од гевгелискиот СОУ „Јосиф Јосифовски“ на тема „Заштита од пожари, евакуација и спасување“.
Обуката има за цел подигнување на свеста за превенцијата од пожари и правилното постапување во ситуации во кои се загрозени безбедноста и здравјето на луѓето. Се уште се свежи сеќавањата на настаните во т.н. дискотека „Пулс“ и подготвеноста на младите да препознаат опасност, а не селфи атракција кога ќе се појави оган, што е од животно значење за судбински потези во моментот на настанувањето на пожар. Затоа едукацијата е пожелна и корисна за младите.
Семинарот вклучуваше едукативни содржини и практична демонстрација, за совладување на огнена закана со вклученост на учениците.
Средношколците имаа можност да се запознаат со основните принципи на заштита од пожари, значењето на навремената реакција и потребата од правилно спроведување на постапките за евакуација и спасување.

Наставниот дел го одржаа Никола Бојковски од Републичкиот Противпожарен Сојуз на Македонија, Петар Плотников, претседател на РППС на Македонија, Бошко Петров, претседател на Општинскиот противпожарен Сојуз за Гевгелија и Никола Ѓоргиев, тим лидер на Доброволното противпожарно друштво „Свети Спас“ од Гевгелија.
Секој од нив истакна посебни точки важни за правилната, брза и безбедна евакуација и справување со пожар во дадена ситуација.

Посебен дел од обуката беше посветен на практична демонстрација на гаснење запалена плинска боца со противпожарен апарат. На овој начин, учениците непосредно се запознаа со примената на противпожарната опрема и со важноста од соодветна подготовка за справување со ризични ситуации.
Показната вежба ја изведоа членови на младинскиот тим на ДПД „Свети Спас“ Гевгелија.
Ваквите едукативни активности придонесуваат за јакнење на знаењата и свеста кај младите за заштита од пожари, како и за важноста на одговорното однесување и почитувањето на безбедносните процедури. Преку поврзување на теоретските знаења со практични примери, учениците добиваат можност подобро да ја разберат важноста на превенцијата и подготвеноста за правилно реагирање во вонредни ситуации.





















