Саво Спасеновски е жител на Гевгелија, роден 1955 година, има 71 година и е трократен учесник на ултра маратонот на издржливост „Pank’s Backyards Ultra“ што викендов се одржа на терените кај Негорски Бањи во Гевгелија.
Саво настапи со број 55, истрча 5 круга во должина од 6,7 километри, или вкупно 33,53 километри со време од 4 часа, 34 минути и 16 секунди.
Тој се пласира на 29-то место од вкупно 42 натпреварувачи од три земји: Македонија, Србија и Словачка. Сите што ги остави зад него се до еден помлади од него. Неуморниот Саво се пензионирал од професијата, но не и од спортот.

Овој спортски активен пензионер немаше конкуренција во својата возраст на овој ултра маратон. Тој си е победник на генерацијата која не дозволува годините да ја спречат во активно рекреирање, па и спортување на републички и меѓународни спортски настани.
На истата маратонска трка тој настапи за прв пат во 2024 година и истрча три круга во должина од 6,7 километри, делница определена за 1 час трчање, а тој ги „пролета“ 20,11 километри севкупна должина за 2 часа и 55 минути.
Годинава Саво е за две години постар од своето деби на ултра маратонот, а наместо бројките роденденски да му го успорат животот тој постигна свој личен рекорд со истрчани 5 круга, вкупно 33,5 километри, односно за 13,53 километри повеќе од првиот настап на ултра маратонот под мотото „Last man standing“.
Видео – Саво на стартот од 5-от круг, врти круг на игралиштето во комплексот Негорски Бањи, продолжува на патеката од јасеновата шума на запад од локалниот пат и се враќа на Целта која е во паркот од Негорските минерални Бањи (фото).

Саво Спасеновски по професија е компјутерски програмер. Цел живот го поминал во Скопје, а по пензионирањето живее во Гевгелија на наследениот имот од своето семејство кое има гевгелиски корени по неговата мајка. Овде станал член на ШК „7 Ноември“ Гевгелија зошто бил актиен шахист во текот на животот, со ранг „фиде“ и 4-то пласиран на ниво на сениорско првенство 1977 на РСМ.
Активно учествува и во акциите на ЗПСК „Кожуф“ од Гевгелија.

За својот активен спортски живот за GevgelijaNet изјави:
– „Секогаш си велам: Ако можам јас, може и некој друг да трча и спортува, не за популарност туку за своето здравје“ – ни’ ја откри Саво својата мотивација да се натпреварува на маратонски трки.
Започнал со активно трчање на регуларни спортски настани од 2017 година, а пред тоа рекреативно. Со трчање започнал после наодот дека има холестерол во крвта. И, наместо диети и апчиња, тој се определил за спортување. Учествувал на официјални натпреварувања на долги маратонски стази: Скопскиот полумаратон, на Софијскиот полумаратон, на маратонот на Матка, на Пелистер, на Галичица, учествуваше и на гевгелиските 7-мо ноемвриски трки „November Run Gevgelija 2023“ каде на трасата од 10 километри постави свој личен рекорд.
– „Целта ми е ако можам да инспирирам и други да трчаат во корист на своето здравје. Ако можам јас, можат и други. Ако мене трчањето ми го подобрило здравјето, може да им се подобри и на други. Нема штета во спортувањето и рекреативното трчање. Само здравје и спортски дружења“ – порача Саво.
Честитки за новиот спортски резултат на неуморниот спортист-пензионер! Па можеби ова ќе биде позитивен пример за некого од третото животно доба да не го поминува денот пред телевизорот туку активно да се вклучи со рекреација за здравје.





















