Пожарот кај Кованец синоќа повторно се разгоре. Во изминатите три дена до сега изгореа околу 80 хектари мешовита шума.
Од петокот до денеска иако три пати по ред локализиран пожарот во близина на селото Кованец, гевгелиско, истиот се’ уште на места е активен.
Вчера 17 пожарникари од ТППЕ Гевгелија интервенираа на теренот за гаснење на новоразгорените точки од пожарот и беше пријавено дека истиот е локализиран без опасност по добрата на граѓаните. Но, во текот на ноќта, поради присуство на ветер со топлата воздушна маса дел од недогорените дрвја се активирале да горат.
Денеска екипа на ТППЕ Гевгелија е повторно на терен.
- „Во пожарот кај Кованец до сега изгореа околу 80 хектари мешовита шума од даб, смрека и габер. За точна проценка ќе треба на терен да се мапира опфатот на пожарот. Наша екипа од утрово е на терените кај Кованец заедно со инспектори и ДЗС. Пожарот е заобиколен и во моментот се движи низ непристапен терен кон реката Кованска“ – изјави директорот на ЈП „Македонски шуми“ подружница ШС „Кожуф“ Гевгелија, Саве Марачков.
Материјална штета кон жителите на Кованец нема, селото е оддалечено 2-3 километри од местото на пожарот, нема опожарени ниви и насади.
Пожарот кај Кованец е регистриран во петокот во 12:30 часот и до денеска, понеделник веќе четири денови е грижа и работна преокупација на силите на ТППЕ Гевгелија и ШС „Кожуф“.
Поради зачестените пожари на отворен простор Министерството за земјоделство денеска воведе ЗАБРАНА за движење низ шумите кое се однесува во терминот од 06:00 до 20:00 часот и ќе важи се до укинувањето на забраната, после проценката дека ризикот од шумски пожари е намален.